Во договорот кој денес беше потпишан со посредство на САД меѓу косовскиот премиер Авдулах Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ, меѓу бројните точки на кои Србија и Косово се обврзуваат е и „да забранат употреба на 5G мрежа за домашните оператори набавена од неверодостојни продавачи, а доколку таква опрема веќе е инсталирана, истата да биде соодветно отстранета…“.Договорот беше објавен во косовските медиуми, а пренесен и во Србија.
Косово и Србија се сложија да ги нормализираат економските односи, обврзувајќи се дека обострано ќе бидат имплементирани договорите за автопат и железница на релација Белград – Приштина потпишан на 14 февруари годинава. Исто така, страните се сложуваат да се приклучат кон мини-Шенген зоната и обострано да ги признаат универзитетските дипломи.
На крајот на договорот стои дека Србија има мораториум од една година за формални и неформални барања до меѓународни организации да не го признаваат Косово како држава, а Приштина има една година мораториум за аплицирање за членство во организации.
Д. Е.