Откако се распределија министерските позиции, наредната недела се очекува да видеме кој ќе седне на заменичките фотељи и како ќе се распределат местата во третиот ешалон од власта.
Неофицијално, како што објави ТВ 21, ДУИ ќе има заменик министри во Министерствата за внатрешни работи, транспорт и врски, правда, здравство и одбрана. Неофицијално се шпекулира дека новите Управи кои можат да припаѓаат на ДУИ се МЕПСО, ЈП Државни патишта, Агенцијата за електронски комуникации, „М-НАВ“ и Агенцијата за лекови „Малмед“.
Двете заменик-министерски места за кои веќе се знае дека припаѓаат на „Беса“ се Министерството за образование, каде се очекува Арафат Шабани да биде заменик министер, додека Седат Сулејмани е кандидат за заменик министер за култура.
„Сè уште немам одлучено затоа што првата седмица е време кога треба да се направи примопредавање и да се навлезе во работата на Владата, како и важните итни одлуки за граѓаните да се донесат. Следната седмица прв пат ќе размислам за тоа“, истакна Зоран Заев.
Артан Груби, за ТВ 21 рече дека се уште не ги почнале разговорите со СДСМ, но потврди дека ќе има размена на ресорите.