пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Какво подлизурковство е да дадеш статуетка за хуманост на министер за здравство и на директори на болници?
Се чуди и прашува Горан Михајловски.
А јас се прашувам од која бразда на мозокот го извлекол оваа идиотско прашање?
Ние можеме да замислиме ситуации во кои доделувањето на статуетки на министерот за здравство и на директорите на болниците, е одвратно подлизурковство, но вака срочен овој обвинителен акт е подлизурковство на новинарот кон јавното мислење.
Кое секоја секунда ја очекува својата порција крвави жртви.
Авторот што го пишува тоа вака како што го пишува, мене ми се појавува како кандидат за статуетка на популарноста на „Радио Бубамара“.
Или, просто, како човек кој влегол и се заробил во мрежата на сеопштиот критицизам, негативизам и нихилизам, можеби, дури, и автошовинизам.
Не, сепак, не мислам дека Горан толку го промашил свиокот на нашата реалност.
И излетал во бездната на општата глупост.
Се е толку наопаку: Зошто да не може министерот за здравство и директорите на болниците да добијат статуетки за хуманост?!
Се разбира и медицинските сестри и останатиот медицински персонал кои учествуваа во спасот на нацијата од надојдените опасности на короната.
Пологично и повеќе во редот на нештата е тие луѓе кои секој ден остваруваат исклучителни подвизи, мерени во човечки животи, да бидат кандидати за статуетки, односно за некакво општествено признание, отколку по дифолт да се отфрлаат.
Само затоа што се министри или директори.
Како што сугерира Михајловски.
Им дале признание за тоа за што си ја вршеле работата за која се платени?
Се разбира, Горан, и Боб Дилан доби Нобел затоа што си ја вршеше работата, Спилберг и Скорсезе собраа еден куп оскари и глобуси, затоа што снимаа филмови, Меси собра еден куп златни топки затоа што играше фудбал.
Итн.
За што друго треба човек да добие статуетка на некаква признателност, ако не за работата за која е платен.
Или не е платен, воопшто, или не е платен колку што треба, нема врска.
Дури и Мајка Тереза доби Нобелова награда затоа што Шведската академија беше оценила дека на тој начин може да ѝ се заблагодари за работата што ја врши. Не за нешто друго.
Врз истите основи беше прогласена и за светица.
Еве уште едно парче од неверојатното обраќање на Горан Михајловски:
“Ако веќе учиш за лекар, се подразбира дека самата професија е хумана. Мајка Тереза не била ни функционер, ни директор. Била негувателка. Толку не можеа да најдат баш никој по примерот на Мајка Тереза што бил хуман, без тоа да му биде работа?”
Горан, па тоа е така банално, коњопојско, гранапско…
Ваква работа може да напише само некој кој нема никакви или има лажни сознанија за борбата на здравствените работници со ковид-19, за организацијата на таа борба во услови на ограничени ресурси и поразителна општа и здравствена култура на населението. Горан предлага да не им се даваат статуетки на тие што по сто часа во три дена примаа болни и ги лекуваа во услови на крајно сериозни ризици за себе, затоа што тие учеле да бидат хумани. Да умрат. Се разбира дека тие луѓе работат тоа што го работат затоа што тоа е нивна професионална и работна ориентација, не за награди и признанија, но мислам дека е недозволиво да ги гледаш на фронтот, да се молиш во нив и на крајот, откако ќе те спасат, да им имплицираш корупција само затоа што некој се сетил да им каже фала.
Дали можеле да најдат некој по примерот на Мајка Тереза што бил хуман без тоа да му биде работа. Па, на Мајка Тереза тоа ѝ била работа, ништо друго не работела освен што ја менаџирала смртта на бедните. Тоа ти е првата грешка во реченицата, а втората произлегува од прашањето: зошто ти мислиш дека статуетките треба да се доделуваат по сеопшта потрага по хуманисти на кои хуманизмот не им е работа, а не врз основа на хуманоста која е факт.
Во крајно сериозна работа каква што е борбата против короната.
Зошто општеството нема сила да прифати и признае одредени исклучителности во себе? Без да ги омаловажува, особено не така што ќе ги контекстуализира во некакви дневни популарности или конфликтности.
Да се биде читан, виден, чуен, ха, па кој тоа го сака мора да биде спремен да ѝ го покаже својот задник на нацијата и да ѝ се посере в лице.
Здравствениот систем на Северна Македонија се надмина себеси во битката против пандемијата. Еден прилично руиниран систем покажа дека може да функционира и во најтешки услови ако основните полуги се во вистински раце. Тоа е така охрабрувачки за целата земја.