Jавното обвинителство вечерва соопшти дека Основното јавно обвинителство Гостивар ќе отвори истражна постапка за убиство со умисла против 67-годишниот Бајрам И. кој пред три дена со секира и нож ја уби својата 60-годишна сопруга.
„Осомничениот 67-годишен гостиварец, на 9 септември, на свиреп начин со умисла ја лишил од живот неговата сопруга. Тие подолг временски период имале меѓусебни расправии, а на критичниот ден осомничениот влегол во дневната соба со секира во рацете и на оштетената и задал неколку удари со сечилото во пределот на главата. Потоа од кујната зел нож и со него и задал повеќе убоди во стомакот. Откако се уверил дека ја убил, излегол од куќата и прво со велосипед, а потоа и пеш се упатил во правец на Сува Гора. Извесно време бил во шумата над селото Страјане, но потоа се симнал на патот, каде бил фатен и лишен од слобода од овластени полициски службеници“, се вели во соопштението од ОЈО.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
По осомничениот Бајрам И. полицијата трагаше повеќе од триесет часа и вчера попладне го пронајде во акција на локален пат помеѓу гостиварските села Страјане и Трново.
Денеска на Бајрам И. му е одреден 30-деневен притвор.