пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, по предлог на Мицкоски го избра новиот Извршен комитет доцна навечер, на 21 септември. Во новиот ИК ја нема Даниела Рангелова, но затоа има неколку имиња кои се „прославија“ со безброј бисери и злоупотреби за време на техничката влада, со јавање коњи, потпалувачки говор и црна кампања… Во новиот состав се и неизбежните Александар Керозин Николовски и „џорчевецот“ Владо Кендо Мисајловски како потпретседатели.
Во оваа претежно машка дружина се најдоа и неколку вечни партиски функционери – Трајко Славески, Коце Трајанов и Антонијо Милошоски. Дел од членовите на извршното партиско тело се, веќе подолго време, претенденти на престолот во ВМРО-ДПМНЕ, но мнозинството му е послушно на Мицкоски. Барем за сега.
Мицкоски на Централен предложил свикување на вонреден конгрес на партијата. Централниот комитет експресно му го одбил предлогот… Кутриот Мицкоски, многу мака си има со овој толку непослушен Централен комитет! Ниту му дозволува да поднесе оставка, ниту да свика вонреден конгрес…
„Доаѓа на ЦК со предлог за нов Извршен комитет, а пред тоа предлага на ЦК, Конгрес кој истиот експресно му го одбиваат. Театарче Лево ќоше. ВМРО РЕЦИКЛИРАНО!“ – коментира Даниела Рангелова, една од најгласните поборнички за родова еднаквост и за демократизација во партијата.
Што значи овој коментар, кој го пренесоа дел од интернет медиумите?
Ако се погледне „новиот“ статут на партијата, сега и да сака некој, веќе нема можности за свикување конгрес најмалку уште шест месеци. „Во случај да не се изгласа потреба од одржување на вонреден конгрес, барање за поведување на нова постапка за негово одржување не може да се иницира во рок од најмалку шест (6) месеци, освен во алинеите 2 и 3 од ставот 1 на овој член.“ – вели член 31 од партискиот статут. Алинеите 2 и 3 се: предвремен престанок на мандатот на претседателот на партијата (не-дај-боже) и промена на целите и задачите на партијата (это невозможно).
Со други зборови, Мицкоски си обезбеди продолжување на својот политички живот уште најмалку шест месеци. Цвикатор, би рекле во мое маало.
По серијата катастрофални политички порази откако ја презеде функцијата претседател на партијата, како марионета и извршител на Груевски, на позицијата на Мицкоски не ѝ завидува никој. Секојдневно е растргнат меѓу гласните барања за негова оставка и притисокот да остане на таа позиција. Неговиот послушен генсек, Игор Јанушев, се повлече од позицијата, како што дознава јавноста, од „лични причини“, што е дополнително разнишување на неговата позиција во партијата. За момент, политичкиот земјотрес се одложи.
Во недостиг од повеќе детали, дел од политичката чаршија го протолкува ова и како „престројување“, односно повлекување на Јанушев за да се „закачи“ на последниот вагон од композицијата што ќе донесе внатрепартиски промени. Некои навестуваат дека допрва ќе се отвораат нови детали за „финансиските вратоломии“ на Јанушев. За „личните“ порази да не говориме, тие и онака се дел од општата психолошка состојба на порекнување на реалноста кај ликовите што се во партискиот врв.
ВМРО-ДПМНЕ е познато по смени во партискиот врв со манипулации, местенки, па и долги или кратки „цевки“ под палтенцата што се редовно еден број помали… Повеќе опции се во игра, меѓу кои има и неколку одлични алтернативи за децениското внатрепартиско мракобесие.
Како и да е, Мицкоски изведе уште еден успешен маневар, поигрувајќи си со статутот и уште еднаш го одложи внатрепартиското престројување во кое најголемиот губитник повторно ќе биде самиот тој, а не неговиот шеф и покровител од Будимпешта. Тој веќе одамна има замена за Мицкоски.
ПС: Често ме тролаат партиските ботови и „неутрализирани“ душегрижници за тоа дека често сум пишувал за партијата на Груевски. Знаат добро зошто пишувам, но да ги потсетам: Прво, не пишувам за нив колку што е потребно, односно далеку од доволно пишувам за сите бељи што ги направиле и што сѐ уште ги прават. Второ, јавноста ја интересира што прави структурата од која зависи европската иднина на земјата. Трето, најбогатата партија во Европа, која сѐ уште држи голем број медиуми под контрола, е инспиратор, соработник, па и спонзор на ултранационализмот и антизападните операции во земјава. Четврто, не се оградија, ниту го надминаа криминалното режимско минато, туку очајнички се борат да го вратат, преку црна пропаганда, дезинформации и говор на омразата. Ете зошто се моја тема. Има, се разбира, и други очигледни причини кои, за да се разберат, доволно е поседување на минимум општа култура (јавен интерес, демократија, право на пристап до информации…).