Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека при регистрација на возилата во станиците за технички преглед или во управните служби се воведува нова постапка за потврда на контактите. Откако сопственикот на возилото на шалтерот ќе го остави бројот од својот мобилен телефон и електронска адреса, на истите добива порака со код за верификација како потврда дека податоците се лично негови, соопшти МВР.
Оваа измена е направена во насока да се избегнат било какви грешки при испраќањето на сообраќајните санкции од системот „Безбеден град“. Надлежните служби информираат дека казните и понатаму ќе бидат праќани преку СМС порака и на електронската адреса на сторителот на прекршокот, додека новиот систем на верификација ќе гарантира нивна прецизна и сигурна достава.






