Премиерот Зоран Заев најави дека во недела ќе се знае четвртиот пакет економски мерки.
Заев рече дека мерките се однесуваат на период до крајот на годината и оти дел ќе се носат преку одлуки на Влада, еден дел треба да поминат во Собранието, бидејќи, како што појасни, сега не се носат со уредби на Владата како што беше претходно во постоењето на вонредната состојба.
– Верувам дека ќе опфатиме мерки за трите месеци од годината и оти имаме простор до 15 октомври да ги донесе Парламентот, потенцира Заев.
Според него, буџетот е во кондиција и во моментот Владата е фокусирана кон поддршка на економијата, работните места и посиромашните граѓани, затоа што, како што рече, само така може да очекуваме идни приходи во буџетот, со задржување на работните места.
Засега мерките се предвидени за до крајот на годината, а за нови ќе се разговара во декември.
– Рационални сме во одлуките. Не смееме да носиме одлуки од сега до март. Носиме одлуки во рамки на една буџетска година. Веројатно во декември ќе развиеме следни пакети за од јануари до март, април, мај до кога ќе бидат и предвидувањата. До крајот на годината веќе очекуваме вакцина да постои во светот, лекарства и психолошкиот момет да го растовари македонското стопанство за да може секако да се придвижи уште подобро економијата. Затоа развивме, согласно закон, мерки што траат до трите месеци. Но, ќе видите во пакетот има мерки што се однесуваат и за до крајот на 2021 година. Имаме одложување на аконтации, ослбодување од даноци што треба уште сега да ги знаат компаниите, истакна Заев, додавајќи дека не сите еднакво патат од кризата, кај некои има 100 отсто влијание, кај некои 30, кај некои и помалку.