Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во гостувањето во емисијата „Топ Тема“ најави дека партија утре ќе го избере новиот генерален секретар.
– Јас веќе подолго време не сум сопственик и навистина не сум ниту директно, ниту индиректно поврзан со какви било производители на електрична енергија ниту во Македонија, ниту надвор од Македонија, истакна вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, посочувајќи дека по изборите ДКСК донела заклучок во кој вели дека нема ниту корупција, ниту злоупотреба, ниту пак нешто друго да го инкриминира.
Во однос на приходите, тој во гостувањето во емисијата „Топ Тема“ повторно го истакна она што го говореше и за време на кампањата за предвремените парламентарни избори – „започнете од мене, од моето семејство“, нагласувајќи дека тој како опозиционер нема обврска, ниту пак е државен функционер, но ќе пријави ако треба, за тоа, како што рече, нема никаков проблем.
Во врска со поскапувањето на цената на струјата и одлуките околу тоа прашање, Мицкоски рече дека секогаш е добро да знаат граѓаните оти цената на електричната енергија се одредува со важност од 1 јули.
Тој посочи дека не требало да се зголеми цената на струјата, од причина што несразмерно е голем процентот којшто се одвојува за универзалниот снабдувач.
– Нереално е висок процентот којшто го има универзалниот снабдувач. Доколку тој процент е во рамките на пазарните услови, тогаш немаше да се зголеми цената на електричната енергија за граѓаните. Електричната струја која што ја добива универзалниот снабдувач не е регулирана. Таа е цена која што тој ја набавува според Закон на тендер, а на тендерот државниот производител во случајов ЕСМ поранешна ЕЛЕМ има обврска со Закон да испорача 75 проценти од количините коишто му се потребни на универзалниот снабдувач. Втората работа која што е многу важна, зошто некој продаваше електрична енергија во јуни, јули месец за да покаже дека еве остварува добивка, а денеска имаме полупразни акумулации низ државата и конечно на крај зошто фингираме либерализација на пазарот на електрична енергија тоа што денеска се одразува врз цената на електрична енергија за граѓаните кога таа де факто и не се спроведува, потенцираше Мицкоски.