Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новите бугарските изјави дека македонскиот јазик е отворено прашање кое треба да се реши, изјави дека тоа се коментари со желба за брзо решавање на прашањето за Гоце Делчев.
Тој соопшти дека ќе биде внимателен во коментарите со цел да се дојде до решение кое ќе носи придобивки и за двете страни.
„Гаранцијата на идентитетските прашања е потврдена со договорот за добрососедство со Бугарија. Јас верувам дека сите тие документи, коментари кои излегуваат се само желба за решавање на ова четврто историско поглавје или шеста историска личност што може да биде одлична можност да не сплотува, да не зближува, да го јакне пријателството и слично“, изјави Заев.
Заев притоа вели дека се фокусирани на брзо решавање на прашањето со Бугарија, за што посетата на шефот на дипломатијата Бујар Османи на Бугарија идната недела рече дека е претходница на неговата средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов, за која се надева дека наскор ќе се случи, најдоцна до почетокот на ноември.
Повторното проблематизирање на македонскиот јазик од страна на Бугарија се совпаѓа со неодамна испратениот меморанум до земјите членки на ЕУ, во кој македонскиот јазик е наречен дијалект на бугарскиот, и вчерашното изгласување на предлог законот инициран од партијата на Каракачанов и поддржан од РЕГБ на Борисов, со кој Софија 24 мај ќе го слави не како ден на сесловенската туку како ден на бугарската писменост а кирилицата ја потврди како бугарска азбука.






