Во моментов се разговара за 3 милијарди вредни странски инвестиции, 10% да успеат, 300 милиони се тоа. Тоа е сериозно, тоа 2,7% од БДП на државата, рече премиерот Зоран Заев во Економски магазин на Алсат М.
„Работејќи токму на овој правец, гледате како ги димензионираме сите овие чекори и политики кои ги преземаме, едниот дел е со финансиска поддршка на инвестициите за домашни и странски, сега отворивме една цела нова паралела на стратешки инвестиции за државата за најголемите да ги привлечеме овде. Следниот дел е да ги искористиме темите во кои вложува светот, енергетика, заштеда на енергија, дигитализацијата комплетно и сите други високо современи технологии кои секако се иднината на развојот.
Паралелно на тоа, домашните компании мора да ги направиме капацитетни. Не само да се мечираат со странските што се овде, туку да се борат на странскиот пазар и тоа да биде конкуретно.
На крајот на денот, не само поддршка од државата, туку и работа. Мораме сите да работиме, продуктивноста да ја дигнеме“, потенцира Заев.
Тој рече и дека Владата ќе продолжи да им помага на компаниите.
„Ќе продолжиме да им помагаме на компаниите, за нас сите компании се домашни, но суштината е како да направиме поголем нето ефект во домашните компании“, рече Заев.
Тој нагласи дека државата ќе продолжи со дополнително мотивирање на странски капитал, што повеќе да ја прифатиме миграцијата на капиталот од Кина и Азија, бидејќи стануваме важна раскрсница, како што се случува со енергетиката, но и со многу други трансферзали, поради големиот европски пазар, кој е платежно способен и добар плаќач и оваа позиција мора да ја искористиме.