#FrontAction
Се шетам вчера низ Дебар Маало и има што да видам, маски – нов тип на цвеќиња раснат по малите улички. Застанав ги гледам – велам хмм што убаво изгледа. И тоа во различни бои. Може да се видат : зелени , жолти, на туфнички, на линии, класични, црни – најразлични модели или доколку сакате да кажеме садници на маски има насекаде низ главниот а и низ останатите градови.
Просто сум запрепастена кога видов една средена госпоѓа, дотерана од глава до петици, како полека оди низ една од уличките и случајно и паѓа маската од рака – зошто маската е за на рака – таа е новата ПАНДОРА. Таа се врти – и е во шок бидејќи маската и е падната, но не – не клекнува не ја зема – туку продолжува да оди и ја остава маската на улица. И сега јас сум во шок. Што треба да направам? Да ја земам и да ја фрлам во канта ? А што ако има Ковид? Тоа е сепак медицински отпад и можеби госпоѓата е заразена. Се гледаме со маската на улица. Ми се идеше да и речам ај стани и научи се да одиш мора да одиме до контејнерот. Ја гледам маската – и таа ме гледа мене. Се враќам до блискиот маркет и земам кесичка , ја земам маската ја затворам во кеса, ја фрлам во блискиот контејнер, ставам дезинфекциско средство на раце и нервозно одам дома. Го вадам телефонот за да го снимам бесот и гневот. Не, не – Владанка смири се.
Доаѓам дома и пуштам телевизија – ги слушам дневните вести – ама во главата ми се вртат овие прашања.
Како може да глумиме дека сме еманципирани и совесни граѓани?
Колку од нас си ги имаат фрлено маските на улица и ги немаат кренато?
Колку од нас купуваат маски секој ден и ги забораваат сегде?
Колку од нас се свесни дека се случува еколошка катастрофа?
Колку од нас се свесни дека ако сме тип топ од глава до пети и си ја фрлиме маската на сред улица всушност сме едни обични и неедуцирани и несовесни суштества?
Колку ни е развиена свеста дека така може да предизвикаме уште некој медицински колапс?
Не мора да ги одговориме прашањата јавно. Може дома. Пред огледало, дур ставаме карминче и пцуеме – оти ќе ни се залепи на маската, може дур ја ставаме маската на рака – наместо на фаца, може да ги одговориме дур се караме со полицаец кој решил да не казни оти не ја носиме, оти решил да не казни оти ја фрламе на улица.
Не е важно.
Важно да ги одговориме, ама суштински – и нека боли.
Зошто подобро е да се скрши огледалото ако планираме да создадеме подобар свет.
Не ни требаат садници маски – ни требаат садници трева.
Со љубов,
Ваша В.