ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција покрена истражна постапка против шест лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски и неговиот кум Ристо Новачевски за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „перење пари“ со кои купиле плацеви на Водно.
Покрај Груевски и Новачевски, за истото дело Обвинителството ги сомничи и Сашо Мијалков, Јордан Камчев, неговата мајка Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.
Како што соопштуваат од Основното јавно обвинителство, во периодот од 2006 до 2012 година првоосомничениот Груевски искористувајќи траен однос и исти прилики противправно за себе присвоил туѓи подвижни предмети што му биле доверени. Имено, тој како претседател на политичка партија дел од паричните средства кои во овој период ги примил лично или преку општинските комитети на партијата како донации за финансирање на политичката партија, не ги прикажал како примени донации во финансиските квартални извештаи на партијата и од нив за себе присвоил пари во износ најмалку од 1.300.360 евра или 79.972.140,00 денари, .
Во периодот од октомври 2012 година до септември 2013 година, се посочува во соопштението, средствата прибавени со кривичното дело – Затајување од чл.239 ст.3 вв ст.1 од Кривичниот законик ги пуштил во оптек со купување на градежно земјиште на Водно.
Денеска, утрово, посочуваат од ОЈО, осомничениот Ристо Новачевски е лишен од слобода и ќе биде изведен пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд во Скопје. Обвинителството ќе му предложи на судот на осомничениот да му биде определена мерката притвор. За останатите осомничени судот веќе има изречено превентивни мерки за обезбедување на присуство во други предмети, а првоосомничениот е недостапен на органите на прогон.
Ј. Ѓ.