пишува: РИБАРО
Оперскиот певац и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, познат по „јуначењето“, при насилното влегување во македонскиот Парламент на оној крвав четврток 27 април 2017 година, вчера рече дека ја отпеал последната песна во Парламентот.
Иако како пратеник речиси и да не гукна од парламентарнатат говорница, тој се простил со партиските парламентарни другари доста драматично.
Извори на АХА од Белата палата велат дека несогласувањето настапило во моментот кога Дурлоски сакал од говорница да пее по една „патриотска“ песна на ден. Колегите од пратеничката група му рекле дека тоа така не оди, а овој во недоумица ги прашал – зошто па нели пеевме оној ден кога ги тепавме, зошто да не може сега?
Сега е време кога треба да фрламе со дрва и камења и да се спомнува што и да е ако треба и измислени и небулозни работи, само за да се создаде впечаток дека овие од СДСМ не ги бива, па потоа ќе пееме го тешеле Дурловски неговите сопартијци и парламентарни колеги.
Браќа и сестри, не се заебавајте со мене, рекол на тоа Дурловски, дајте да пеам кога излегувам на говорница. Нели се сеќавате што се деси кога јас требаше да кажам нешто, а тоа да не е песна. Се избрукав на чисто, а сам се заглавив, најзначајните инфраструктурни објекти не знаев да ги кажам:
На ова, со климање, само потврдиле парламентарците дека се сеќаваат.
Па грло си откорнав бе за пишливи стотици илјади евра, а сега што – нема пеење, треба само да се резилам…. развикувал Дурловски по сопартијците низ Собраниските ходници, информираат за АХА од собраниските служби.
Сопартијците го тешеле дека му ја разбрале маката, и дека им било јасно уште кога со неговото возило и со искинато македонско знаме пристигнал во Парламентот, ама не сакале тие да спомнуваат дека очигледно си има мака човекот, па го оставиле сам да си каже.
Вистинската причина за напуштање на Парламентот, како што дознаваат АХА од дописникот од Свети Николе, е дека Дурловски се решил да се занимава со земјоделие – ќе садел тикви на оние 120.000 квадратни метри земјиште, кои пред скоро време со неколку другари ги купиле во светиниколско.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK