Експлицитен говор на омраза и закани кон активистот, аналитичар и колумнист Ненад Јовановиќ, по последните две негови телевизиски гостувања во „Само вистина“ на Канал 5 со Камиловски и Сашо Тасевски, и во емисијата „Анализа“ на ТВ 24.
Инбоксот на Јовановиќ , како што изјавува самиот, се преполнил со пцовки, клевети и закани, после неговите тв гостувања. Како што може да се погледне од принт-скриновите кои тој ги објави на ФБ, станува збор за тежок говор на омраза и конкретни закани по здравјето и животот на Јовановиќ:
Ненад Јовановиќ во изјава за ФРОНТЛАЈН вели дека последните неколку месеци станал мета на напади и кон него се врши, како што нагласува, некоја „тивка организирана хајка“.
„Последните неколку месеци на мене се врши некоја „тивка организирана хајка“. Интензитетот се зголеми откако почнав да се појавувам во мејнстрим медиумите. Практично станав таргет, идеолошка мета низ која се проектираат разни замисливи и незамисливи проекции на луѓето. Моите ставови, кои пред сè се иманентно политички, што значи ангажирани, предизвикуваат бес, љубомора или чиста омраза во оној таканаречен квазипатриотски табор.“ вели Јовановиќ за Фронтлајн.
Тој потенцира дека нападите кон него се од луѓе кои се синоними за тупавост, малограѓанштина и тесноградост. Тоа е базата на која настанува и фашизмот, издвојува Јовановиќ..
„Може некој ќе праша каква е таа структура на луѓе што виртуелно ме напаѓа со говор на омраза? Обично тоа се луѓе кои се синоними за тупавост, малограѓанштина и тесноградост. Тоа е базата на која настанува и’ фашизмот. Од друга страна, јас отворено го бранам премиерот Заев затоа што мислам дека тој води политика која е најдобра од „сите можни светови“ во оваа земја. Има еден пацифистички и помирувачки тон во неговата политика, што многу ми се допаѓа, а на другата страна имаме една хорда од мрачни и сомнителни типови кои ќе биде страшно погубно ако успеат да се вратат на власт. Јас тука им доаѓам како брана која сакаат да ја срушат и детронизираат. Мене не можат да ме замолканат дури и кога по цели денови би си скокале на Црвениот бан. Ништо тоа нема да им помогне. Секогаш ќе го бранам она во кое верувам.“, нагласува Ненад Јовановиќ во изјавата за Фронтлајн.
Јане Ѓорѓиоски