ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ

Премногу добро се гледаме за да се сакаме

October 25, 2020 16:29
in ДЕНЕС, ФРОНТ
Share on FacebookShare on Twitter

пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ

Бог да ги прости Амди и ВМРО.

Блиските на короната ќе почекаат на сочувство, но имам впечаток дека вирусот е отпорен на ракија, кантарион и нарикачките крешченда по антисоцијалните мрежи.

И по коморбидитетните телевизии.

Односно по телевизиите како национални коморбидитети.

Уште повеќе, мислам дека оваа пишкање, стенкање и офкање по фејсбук, се има претворено во платформа на која расте популарноста на ковидот. Особено меѓу младите будали. Тоа е така затоа што короната препознава дека зад реките солзи не стои искрената грижа за здравјето на нацијата, туку страста да се објави своето присуство и значење.

Како што и “историскиот” спор меѓу Северна Македонија и Бугарија не е израз на грижата за историските корпуси туку замена за отуството на имагинација и моќ историјата што е и што ќе следи, да се создава.

Пред една недела упатив едно мало, но важно статусче, со изрази на љубов, до господата Борисов и Заев. Тие две три реченици на Гаетан Пикон, очекувано, не предизвикаа некое особено вмимание, ниту кај премиерите, ниту кај пошироката јавност. Сите претпочитаат да бидат робови на очекувањата дека излезот е во инженериските единици на армијата или во супериорноста на историјата поледната низ призмата на моралот и вистината.

Која е, особено денес, недофатлива.

На палубата на бродот на новото време, некои од оние кои ги формулираа контурите и суштината на спорот, сè уште се возат како слепи патници.

Хахаха!

Можеби затоа што секој факт денеска се појавува како оригинална структура, како чудна целина, која не можеме да ја сведеме на комбинација на основните состојци и која, како таква, зависи од посебното поимање. Секој пат стварноста е ново лице кое бара нов поглед. Старото царство се урива: тоа е будење на националноста на духот.

Но, како вулфски камења во џебовите на оние кои решиле да се удават.

И затоа си земав слобода да пренесам поширок колаж од воведниот текст во “Панорама на современите идеи” од Пикон. Дебелата книжурина што го одушевила и големиот Гомбрович, е пишувана во 1957 година, но современите идеи во неа денеска се посовремени отколку во својот оригинален амбиент.

Врзете се, полетуваме над појавноста, тоа мочуриште на просташтвото и примитивноста.

Чувството дека доживуваме една промена без преседан, не било никогаш поинтензивно ниту пооправдано. Едно ново геолошко ниво ја издигнува кората откако ги промени најдлабоките слоеви на менталната планета. Секој од нас го доживува токму сега искуството за кое загадочно говорат најстарите митови: За време на животот да се влезе во светот во кој можат да воскреснат само оние што умираат во самите себе. Кога живиот човек се спушта во пеколот.

Не беше потребен еден човечки живот-едвај четврт век, таман колку да се премавне една младост- за да видиме како се преобразува историската стварност на нашиот свет, како и неговиот секојдневен пејзаж, и како се тетерават и уриваат најдобро обезбедените перспективи на нашата мисла и на нашата култура. Растресени се, ете, отфрлени, најцврстите поими, најстарите и најприродни очигледности, растурени се најпостојаните, најцврсто поставените системи. Ете како најсигурните правци на нашето делување и на нашиот дух  ненадејно застануваат и потоа се раздвоуваат.

Не само што се спротивставуваме на новите очигледности туку се случува да продолжуваме да живееме, да мислиме и да чувствуваме како да не сме ги сретнале. Се случува нашиот суд да се одвојува од нашето верување, премногу слабо или, уште повеќе, премногу надворешно во однос на нас, за да превагне. Она во што веруваме, го чувствуваме, правиме, често противречи на она што го мислиме или не водиме сметка за тоа. Така е и со она што го проповедаме.

Понекогаш изгледа како нашето доба да го затворило кругот околу сите чудовишта на нашата напуштеност. Од мртвиот Бог, изнегираниот разум, несфатливиот космос и несфатливата историја, избива една сенка во која се открива нашето ништавило. Нешто сепак се врти во таа празнина: нашите чудовишта. Откако сите маски ќе паднат, секаде голи и искезени лица се креваат: секаде животно зад ангелот. Го открија подземниот човек, несвесноста, сексуалноста под привидната чистина на наклоностите или под благородноста на уметноста, неправда на дното на правдата, гордоста и волјата за моќ под милосрдноста и светоста, кукавичлук во мудроста, агресивност во создавањето, мистификација на вредностите на етиката и културата.

Одвоен од сите верувања кои му помагаа да живее, човекот е обезглавен. Анонимен во анонимноста на големиот град, ставен во немилосрдна конкуренција без лице, откако ја загуби својата природна интеграција и органската општествена средина и тронот на традицијата, без ритуали, без митови, без илузии, умирајки од зимата и смртта на легендите, напуштен од Аристиевите пчели, тој живее неавтентично, со неврозирана свест, со несреќна свест, со грешна свест.

Луцидноста е нашето единствено оружје, но неумоливо разорно: премногу добро се гледаме, за да се сакаме.

Постојното не е веќе она што мислата ќе го преброди и негира појавувајќи се: тоа е она што ја засновува мислата и кон што таа се свртува.

Се појави сомневање дека стварноста не чека под маската на привидностите кои се исто така привидности на разбирливото.

Човекот би прифатил да загуби кога би постојало уверување во добиток кој е поголем. Се знае дека дијалектиката проектира до крајни граници надеж во една синтеза во која повторно ќе биде пронајдено сè што било надминато и негирано, во која духот повторно ќе го стекне сето она што го уништил.

Но, кој уште е спремен да го поистоветува движењето на дијалектиката и на историјата.

Светот на чудењето е единствена постојбина на нашиот дух. Но, дали е тоа оној свет што го откриваме кога копаме, така, до корените или е оној што го создаваме?

Сартр рекол дека не е проблемот во тоа да се осознае крајот на историјата, туку да и се даде крај.

А Јасперс: Ако е смислата на историјата за нас земско остварување на една состојба на конечната среќа, ние за него не можеме да најдеме никаква претстава во својот дух ниту некаков предзнак во историјата што се развивала досега. Напротив, сета човекова историја попрво говори против таа идеја: таа оди напред следена со потреси, по патот на слаби успевања и целосни уништувања. На прашањето каква е смислата на историјата, не може да се одговори со изразување на една цел. Секоја цел е посебна, привремена и, можеби, надмината. Да се ѕида целината на историјата како единствена историја во која нешто се одлучува за целокупноста, тоа никогаш нема да се може, а да не се занемарат битните факти.

Тоа е иста работа со статусот што го бев пратил до Борисов и Заев: Изгледа дека ние повеќе не можеме да очекуваме од историјата единство на сите наши тежнеења, тоа најголемо добро што го проектиравме во иднината затоа што го загубивме во сегашноста.

И сега, во вакви  драматични промени ние расправаме што бил по националност Гоце Делчев и тоа со став дек од правилниот одговор на тоа прашање ќе зависат перспективите не само на Македонија, како што можеби им се чини во Софија, туку во многу аспекти и на Бугарија.

Нивото на таа лудост е, сепак, преголемо и тоа ми дава основа да верувам дека берлинскиот процес односно првата меѓувладина кинференција ќе се одржат и дека блокада нема да има. Македонија ќе мора да се запраша дали има нешто во неа што ги тера околните држави да ја доведуваат во прашање нејзината перспектива, односно да се обиде да го разбере ставот на Бугарија, на пример. Да сфати дека од другата страна на Деве баир не живеат фашисти. Да допре до вистината за себе. Да се ослободи од тоа секое утре да се буди со кренат гард кон некој негатор. Тоа за Македонија ќе биде голема сатисфакција. Нашата признателност кон Бугарија ќе биде голема. Бугарија, пак, може да смета на квалитетни историски цревца. Исчистени, па дури и врзани во кукурек. Додека не го разбереме Пикон. И сета глупавост во која сме потонати.


Сите права се задржани. Текстот е личен став на авторот

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

Џелал Хоџиќ СДА Македонија

Љубомора и завист во антизападниот македонски политички блок

May 10, 2025
Фото: Tim Mossholder / Unsplash

ФЕЉТОН: „КРУГОВИ“ – роман на Тина Иванова, 10 ДЕЛ

May 10, 2025
Фото: Скриншот

(ВИДЕО) Макрон, Мерц, Стармер и Туск во Кијив: Поддршка за Украина и повик за прекин на огнот

May 10, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Фотомонтажа: Фронтлајн

    ЕУ останува сон за Македонија, смелите одлуки „пекол“ за политичката елита!

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Интервју со Кристина Костова: Мицкоски сака да владее во хаос, СДСМ се враќа со конкретни решенија

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Ако не сакаш да бидеш Европеец ќе бидеш ништо и затоа е добро да не сакаш!

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ФОТО) Скопјанката Чарна Невзати македонска претставничка на престижниот „Мис на свет”

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Спротивставувајќи се на Трамповата Америка

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk