Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска во својот кабинет се сретна со амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, Ангел Ангелов со кого разговарале, меѓу другото, и за добрососедските односи, кои се вредност за земјава, но и за регионот.
Како што соопштија од кабинетот на првиот вицепремиер, заедно, двајцата потврдија дека е потребна уште поголема посветеност во оваа насока со цел да се постигне уште поголемо приближување меѓу нашите две земји.
На средбата, исто така, беше истакнато значењето на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес за Западниот Балкан, процес преку кој се олеснуваат и унапредуваат конкретни чекори кон регионалниот економски развој, со што се овозможува полесно надминување на економската криза предизвикана од КОВИД-19.
Груби и Ангелов, се наведува, оценија дека затворањето на границите не е решение во борбата против пандемијата предизвикана од КОВИД-19, туку високата свест на граѓаните.
Во однос на спроведувањето на Договорот, Груби ги истакна заедничките регионални вредности и се фокусираше на европските вредности, наведувајќи дека историјата не смее да ја држи иднината во заложништво.
На крајот од состанокот, двајцата соговорници се согласија дека Република Северна Македонија и Република Бугарија ја продолжуваат својата заложба за зајакнување на соработката меѓу двете земји, соработка која ќе продолжи да се развива во позитивна насока и со желба да се надминат сите предизвици, соопштија од кабинетот на вицепремиерот Груби.