ВМРО-ДПМНЕ и денеска излегоа на протест, овој пат против загадениот воздух. Иронично или не, протестираа со автомобили. На денешниот протест кој се одржа со намален број на присутни, Јелена Жугиќ рече дека има помалку луѓе поради почитување на законските мерки за собири.
„Загадениот воздух убива кога власта е неспособна. Зоран Заев пред 4 години вети дека откако ќе дојде на власт веднаш ќе го подобри квалитетот на воздухот и ќе го намали загадувањето. Зоран Заев ветуваше дека државата ќе инвестира во подобрување на квалитетот на животната средина и атмосферскиот воздух. 4 години потоа Зоран Заев нема спроведено ниту една мерка во насока на намалување на загадувањето. Македонија секоја зима се гуши. Скопјани дишат отров наместо воздух. И ниту Заев, ниту Шилегов како градоначалник на Скопје не направија ништо конкретно за намалување на загадувањето, рече Јелена Жугиќ.
ВМРО-ДПМНЕ излегоа на протести и во Битола, Тетово, Струмица и Куманово. Во овие два града на протестите можеа да се забележат многу возила. Народ не толку, ама машала автомобили.
Според минатогодишниот Заеднички ревизорски извештај за квалитет на воздухот на EUROSAI – Европската организација на врховни ревизорски институции, укажува дека индустријата е најголемиот загадувач во Македонија, а потоа следува загадувањето предизвикано од домаќинствата и помали фирми, додека автомобилите се оценети како средни загадувачи, а отпадот, земјоделието и останатите фактори се оценети како помали загадувачи.
Прашањето е зошто некој оди на протести против аерозагадување со загадувачи како што се автомобилите?
Ова гo констатираа и граѓани на социјалните мрежи.
На протестите реагира и СДСМ. Во партиското соопштение се вели дека ова е уште еден во низата очајни и лицемерни протести на Христијан Мицкоски кои служат само за спас на неговата фотелја во белиот дворец.
„Денес за струја со луксузни автомобили протестира оној што ја поскапе 100 отсто. Денеска, за воздух протестира оној кој 11 години сечеше дрва во Скопје за сметка на криминалниот проект Скопје 2014. Среде светска пандемија Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ организираат протести на кои се кршат мерките за заштита од коронавирусот, а предходно кочеа проекти за обнова на болници, Мицкоски шеташе по кафани и теретани, ширеа лажни вести и ја поткопува борбата со вирусот“, велат од СДСМ.
За потсетување, покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ протестира во ковид криза со автомобили, и тоа не баш евтини, дополнително загадува, исто така организира протести (какви-такви) во време на пандемија, кога физичките контактти би требало да бидат сведени на минимум.
Д.Е.