#FrontAction
– “Насмеј се- можеби утре ќе не нема“-
Недела. Мене овој ден секогаш ме потсетува на раскрварени коленца, на игри со баба ми, и на жмурки со другарчињата. Мајка ми стално била на работа, татко ми често го средуваше дворот – Недела ќе биде неработен ден за сите. Конечно многу мајки ќе се играат со своите дечиња во парк, и уште толку татковци ќе ги учат своите дечиња да возат велосипед, или ќе се искачуваат сите заедно фамилијарно на најблискиот планински врв. Како и да е – лично сметам дека пвој предлог кој што е даден на разгледување е одличен.
Секој треба да ја ужива неделата. Како човек што има работено повеќе работи, секогаш сум сакала и сум мечтаела ден од викендот да ми е слободен. Некогаш парите не се сѐ? Нели? Свесна сум дека живееме во капиталистичко општество и дека капиталот е пред се, но сепак сметам дека парите нема да ни ги вратат изгубените часови на сонце, во природа, со најблиските- кажете дека сум сонувач, дека не сум реална и дека не му припаѓам на светов во кој што живеам – ама ковидот ако не научи на нешто – не научи на тоа. Дека треба да одмориме, дека треба да земеме здив, дека не треба да трчаме низ животот. Дека не треба да работиме по 24часа, без стоп, бескрајно долго за да се изгубиме себе си. И на нас – и на нашето тело му треба рестарт. Недела. Ко порано, да биде…. Паметам – приказните на мајка ми… Недели на Матка, Недели на Треска, Недели во двор, гроздобер и уживање. Зарем не го заслужува тоа секој поединец?
Да го заслужува. Со целосно право. Нормално и со регулирање на работните часови и се останато што (ќе) си носи законот. Верувам дека има луѓе кои сакаат и само да работат, на некој капиталот им е најважен, но верувам исто така дека ќе се изнајде решение за двата случаи. Се надевам дека министерството за труд и социјала, ќе изнајде начин како ова да го преточи во закон. И се надевам дека што поскоро ова ќе се реализира. И дека ДА – недела ќе биде неработен ден.
Ние секако, како народ – ќе се израдуваме ако видиме дека недела е неработен ден во Шведска и дека таму работен ден трае 6часа – но и те како сме спремни да критикуваме ако недела е неработен ден кај нас, недај боже ако ни стават 6 часа работно време. Треба малку да ги разгледаме сите опции и да признаеме дека ова решение е добро за секој работник и дека и служи и е почеток на некаква социјална правда која што ретко ја гледаме кај нас, бидејќи да бидеме свесни – многу ретко работниците ги добиваат своите 1,5 дневница за работа во недела, а да не зборуваме дека е невозможно да земеш дневница плус ако работиш на државен празник.
Среќа моја па јас секогаш верувам во поубаво утре, во по рамноправно општество, во социјална правда. Можеби некогаш реалноста пробува да ми ги скрши позитивните наочари – но јас така го градам мојот свет – и ве уверувам, дека полека нашиот свет се гради така. Замислете ден за вас, за вашите блиски- треба да дишеме со плешките отворени и да го прегрнеме животиштево. Видовме – ништо не се парите. Здравјето да си го чуваме. Раскрили се и гушни ги најблиските.. Испланирај пик ник и јавни го јавето. Или ко што би се рекло во еден наш македонски филм “Насмеј се- можеби утре ќе не нема“.
П. С.
За крај на мапата подолу, проверете само во колку земји е неработен ден недела и ќе се изненадите. Генерално во светот работните часови се ограничени на 40 работни часови неделно како кај нас, а работната недела е од понеделник до петок.
На пример во Австрија работната недела е од понеделник до петок -8 часа на ден. Продавниците се отворени во сабота. Според законот, скоро ниту една продавница не работи во недела. Сепак, направени се исклучоци, на пример за пекари, бензински пумпи и продавници на железнички станици, особено во најголемите градови (Виена, Грац, Салцбург, Линц).
Данска пак има официјална работна недела од 37 часа, со примарно работно време помеѓу 6:00 и 18:00 часот, од понеделник до петок. Работниот ден е обично 7,5 часа од понеделник до четврток и 7 часа во петок. Некои мали продавници се затворени во понеделник, а работат во недела.
Стандардната работна недела во Франција е од понеделник до петок. Продавниците се исто така отворени во сабота. Малите продавници може да се затворат во еден работен ден (генерално понеделник) за да се обештетат работниците за тоа што работеле во саботата. Според законот, можат да овластат мал број на специфични продавници да се отворат во недела, како што се барови, кафулиња, ресторани и пекари, кои традиционално се отворени секој ден, но само во утринските часови во недела. Работниците не се обврзани да работат во недела.
Јас се надевам дека ќе ги следиме овие европски примери, и што поскоро ќе се изработи и нашиот закон. Да живее НЕДЕЛАТА, да живее РАБОТНИКОТ!
Ве сака,
В.