„Доколку првата меѓувладина конференција не се одржи за Северна Македонија, тоа би била тројна загуба, за Северна Македонија, за Бугарија и за самата Европска Унија. Јас сум оптимист затоа што Северна Македонија и Албанија навистина вложија големи напори да ги приближат граѓаните на земјата до Европската унија.
Се разбира, останува уште многу да се направи кога станува збор за интеграциските реформи, но како известувач за Северна Македонија, искрено мислам дека од почетокот на годината се направени многу позитивни чекори. Изборите се одвиваа нормално, резултатот беше легитимен и владата беше формирана многу брзо по изборите. Претседателот на парламентот Џафери е подготвен да соработува со нас за дијалогот „Жан Моне“.
Од многу гледни точки, политичарите од Северна Македонија покажуваат дека се подготвени за соработка и испраќаат позитивна проевропска порака до колегите од Европскиот парламент. Имав дискусија со министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој има волја да ги унапреди политиката на проширување и реформите за интеграција.
Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат членство во Европската унија“- изјави Илхан Кјучјук, известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија во интервјуто за телевизија Клан.
Кјучјук, кој по националност е Бугарин смета дека со ваквото однесување на Бугарија кон Северна Македонија, самата си предизвикува загуба.
„Голем поттик е што германското претседателство поттикнува ваква иницијатива. Ако не успееме, сите ќе бидеме изгубени. Јас би рекол дека ќе биде тројна загуба. Загуба за Северна Македонија, загуба за Бугарија, но и загуба за Европската унија. Прво, загуба за Северна Македонија, бидејќи тие направија многу жртвувања кон европскиот пат на земјата. Би било загуба за Бугарија, бидејќи Бугарија е соседна земја.
Во Европската унија ни требаат сојузници и партнери кои дури го разбираат начинот на кој размислуваме. И, загуба и за кредибилитетот во Европската унија по толку големи чекори преземени од Северна Македонија.“- дополни Кјучјук во интервјуто.