Пратеничката на Либералната партија во Бундестагот Рената Алт ја повика владата во Берлин да влијае врз Софија за да се отвори патот на Северна Македонија кон ЕУ. Таа бара укинување на принципот на едногласност во ЕУ, пренесува „Дојче веле“.
Бугарија го користи членството во ЕУ како средство за притисок врз С. Македонија и го торпедира процесот на проширување на Унијата, вели пратеничката на Либералната партија (ФДП) во германскиот парламент и член на Комисијата за надворешна политика, Рената Алт. Тоа, според Алт, е неприфатливо.
„Со своето вето, Бугарија го торпедира секој напредок во процесот на пристапување кон ЕУ. Фактот дека Бугарија го користи своето членство во ЕУ како средство за да изнуди отстапки во историскиот спор со Северна Македонија е целосно неприфатлив и предизвикува повторна штета на процесот на пристапување во ЕУ“, вели Алт.
Таа смета дека бугарското вето за Скопје ќе му зададе фатален удар на севкупниот процес на проширување на ЕУ и апелира до Владата во Берлин да реагира.
„Сега, кога ЕУ конечно постигна договор за одржлив и транспарентен пристапен процес, обновената блокада на пристапните преговори ќе биде фатален сигнал. Сојузната влада треба да го искористи преостанатото време на германското претседателство и да апелира до бугарската страна да не ја попречува тековната непречена реформска динамика во Северна Македонија со својот националистички историски ревизионизам“, изјави Алт.
Пратеничката на Либералите, притоа, бара промени и во принципот на одлучување на ЕУ за во иднина да се избегнуваат слични ситуации.
„Ниту една земја на ЕУ нема право да го негира правото на самоопределувањето на друга земја. По блокадата на Кипар на санкциите на ЕУ против Лукашенко, ЕУ треба конечно да го искористи бугарското вето како повод да го укине принципот на едногласност и со тоа да ја врати способноста на Унијата да дејствува при важни одлуки“, вели Рената Алт.
извор: DW