„Повторно сме на „Криволак“ да покажеме зошто и како можеме да го користиме и зошто е неопходен овој армиски капацитет. Ако „Криволак“ е хардверот кој ни обезбедува дополнителни ресурси кои ги користиме и дома, но и како НАТО ресурси, денеска овде може да видиме како овој хардвер обезбедува унапредување на нашиот софтвер, а тоа е унапредување на нашиот персонал кој е практично нашата влезница и нашата обврска кон НАТО алијансата“
Ова денеска го изјави министерката Радмила Шекеринска која денеска заедно со британската амбасадорка Рејчел Галовеј присуствуваше на изведување на дел од заедничка обука на припадници на Армијата со мобилен тим за обука од Обединетото Кралство на армискиот полигон „Криволак“. Припадниците на Армијата од 1. пешадиска чета од Лесната пешадиска борбена група, на „Криволак“ изведуваат колективна обука под менторство на мобилен тим за обука од Обединетото Кралство.
„Согласно одлуките и во изминатиов период, Лесната пешадиска борбена група ќе биде нашиот капацитет кој ќе стане НАТО капацитет заедно со една друга група на структури како што се специјалните сили. И оваа структура се обучува со директна поддршка на нашите сојузници, партнери а тоа е Обединетото Кралство. Веќе оваа година заедно со тимовите од Обединетото Кралство токму припадниците на Армијата и на оваа структура, работеа на поединечна обука, поединечен тренинг, а сега започна и со денешниот настан колективниот тренинг кој ќе даде шанса на нашата НАТО формација практично да ги стигне стандардите кои се очекуваат од една НАТО членка“ рече Шекеринска







