При денешната посета на струмичката болница, премиерот Заев, на новинарско прашање за најновите изјави на бугарските официјални претставници, меѓу другото, изјави и:
„Разбирам, не е лесно ни во Бугарија, има критички осврт, но должност наша и на политичарите да објасниме. Затоа што, признаваме дека треба уште повеќе да работиме, ама за 20 месеци 10 седници одржавме. Германија , Полска, Германија Франција, Германија Чешка, исти вакви комисии, првите резултати на 10 години од составувањето на комисијата ги дале и се состануват еднаш годишно.“
Македонскиот премиер потсети дека нашата комисија со Грција се состанува два пати годишно, а со Бугарија за 20 месеци се одржале 10 состаноци. Тој најави дека веќе во декември ќе се одржи следниот состанок меѓу двете комисии кои ќе продолжат со наоѓање решенија. „И за Гоце Делчев сме блиску, во духот на заедништвото“ – рече Заев и испрати порака да се гради пријателството меѓу двете земји.
„Ја испраќам пораката да градиме пријателство, лесно е да се гради непријателство. Европски е да се гради пријателство и да се биде храбар во донесувањето на одлуките. Јас сум подготвен и го подготвив македонскиот народ за евентуална блокада и тоа е поприлично извесно. Но, сепак, никогаш не ја губам надежта, поради тоа што одговорноста на политичарите е голема.
И, ако е така, до крајот на декември е можноста за првата меѓувладина конференција, очекувам одговорност и крик на пријателство од бугарската влада. Ако се испрати негативна порака, сите знаеме колку тоа непосакувано може да развие. Не ни требаат такви работи. Ни треба пријателство, подадена рака, заедно да го чекориме европскиот пат!“ – рече Заев во продолжение на изјавата за најновите изјави од официјална Софија.
Акцент на денешната изјава на премиерот Заев секако е неговиот став:
Зошто не е доволно заедничкото? Како тоа да биде заедничко и да биде бугарско ? Или да биде заедничко, а да биде македонско? – праша тој.
„Со позитивни одлуки градиме пријателство, со негативни одлуки градиме горчина. Не треба двата народи некој да ги ограничува, треба да ги зближи“ – повикува Заев.
С. М. Ж.