Мерките од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување преку Агенцијата за вработување и во време на Ковид-19 имаат успешна реализација со 95 отсто, а особено голем интерес има кај програмата за субвенционирањето на плати, посочи министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на денешниот онлајн состаноксо претставници на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд.
Главни теми на состанокот, како што соопштија од Министерството, беа активните политики на пазарот за труд, невработеноста, минималната плата и пензискиот систем.
Околу реализацијата на активните мерки од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување преку Агенцијата за вработување, министерката Шахпаска истакна дека и во време на пандемија од КОВИД 19 имаме успешна реализација со високи 95 отсто, а особено голем интерес кај програмата за субвенционирање на плати поради што е направена пренамена од друга програма и поддршката на субвенционирање на плати се обезбеди за 1974 лица наместо 1627 како што беше првично планирано.
Таа додаде дека и останатите планирани програми се реализираат непречено.
Во однос на минималната плата, министерката информираше дека таа е уредена со Закон од 2012 година, а од 2017 година утврдени се критериумите за утврдување на висината на минимална плата на годишно ниво.
-Согласно Законот, минималната плата се коригира со по една третина од пораст на платите, трошоците на живот и бруто домашниот производ, за што претходно согласност дава Економско социјалниот совет, како трипартитно советодавно тело на Владата. Со цел да им се олесни и помогне на работодавачите поради проблемите со кои се соочија на почетокот на април се донесе Уредба со Законска сила за примена на Законот за минимална плата, со која се одложи примената на утврдениот износ на минимална плата, односно и за месеците април, мај и јуни 2020 година продолжи да се исплаќа минимална плата во износ од 14.500 денари, рече Шахпаска.
Таа додаде дека утврдениот износ на минимална плата во износ од 14.934 денари започна да се применува од јули 2020 година.
-Зачувувањето на секое работно место е наш приоритет, а во таа насока беа и економските пакети на помош на граѓаните и на компаниите. Притоа, за да може работодавачот да биде корисник на некои од мерките како услов се постави задржување на истиот број на вработени од пред кризата, истакна министерката.
Во однос на помошта кон компаниите со четвртиот пакет економски мерки креирани заедно со сите засегнати страни, таа рече дека се дојде до одлука тоа да се изврши скалесто односно компаниите кои имаат помала загуба да добијат помала помош, а оние со поголеми загуби, поголема помош. Таа би се движела од 14.500 денари по работник до 21.700 денари.
Во делот на измените кои се прават во Законот за работни односи, односно пензионирањето на 64 години старост и 15 години стаж, министерката ги посочи исклучоците на вработените во здравството и високото образование, а според досегашните проценки се работи за бројка од околу 6000 лица, од кои 4000 се дел од јавната администрација.
Во делот на субвенционирање на придонеси министерката информираше дека согласно Законот за субвенционирање на придонеси донесен во 2019 година, неговата примена е три години и ова е процес кој се уште тече, односно субвенционирањето на придонесите се врши кога платата на работникот е зголемена до 6.000 денари.