Премиерот Зоран Заев на денешната дебата по повод „Наградата за човекови права за 2020 година“, која му ја додели германската Фондација „Фридрих Еберт“, изјави дека не очекува добри вести да пристигнат утре од Брисел.
Тој соопшти дека ЕУ на утрешниот состанок на министрите за надворешни работи нема да одобри одржување на Меѓувладината конференција со Северна Македонија поради блокадата на Бугарија, и дека преговорите се одложуваат за наредниот месец, во декември, доколку дотогаш се најде решение на историскиот спор кој го наметнува Софија.
„Веројатно утре нема да добиеме добри вести од Советот за општи работи во Брисел. Ние немаме алтернатива за членството во ЕУ. Што и да се случи ќе продолжиме на европскиот пат. Тие што се внатре во ЕУ можеби подзаборавиле колку е студено надвор. Можеби некои политичари заборавиле кои се вредностите на ЕУ, но граѓаните нема никогаш да заборават“, изјави Заев на дебатата.
И шефот на германската дипломатија Хајко Мас не даде конкретен одговор за утрешниот состанок во Брисел, порачувајќи дека се надева на постигнување решение до декември.
„Водиме интензивни разговори за да ја одржиме првата пристапна конференција уште оваа година за време на германското претседателство. Клучно е во наредните денови да се најде решение, а Германија е подготвена да помогне на тој пат“ изјави Мас по ова прашање.
Д.Е.





