Македонскиот репрезентативец во бокс Ардијан Аземи, под закрила на тренерите Насер Харуни и Васко Цубалевски, обезбеди најмалку бронзен медал на младинското Европско првенство кое се одржува во Будва, со што обезбеди историски медал за нашата држава.
Тренерот Насер Харуни за Фронтлајн изјави дека ова е една од најзначајните победи за македонскиот бокс, бидејќи Аземи е првиот репрезентативец кој обезбедил медал на младинско Европско првенство после 25 години. Тој е горд на младиот репрезентативец, и како што изјави, среќен е што во овие тешки времиња, Ардијан донесе убави вести кои ќе влезат во историјата.
Аземи за пласман во четвртфиналето го победи Јакуб Стразсевски од Полска, потоа во четвртфиналето со едногласна одлука на судиите го победи Дује Гацина од Хрватска и со тоа обезбеди пласман во полуфиналето, со што најмалку бронзен медал на младинското Европско првенство е веќе обезбеден за нашиот млад боксер.
И Боксерската федерација на Македонија ја поздрави оваа победа, и потенцираше дека ова е историски резултат за македонскиот бокс во младинска конкуренција.
Во петок, 20 ноември, Ардијан ќе се соочи со рускиот боксер Владислав Комаров во борба за финалето.
И. Ежова