Во пресрет на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, три граѓански мрежи упатија шест конкретни барања до Владата, Собранието и надлежните институции, повикувајќи на мораториум на протоколарните и промотивните настани и насочување на кампањата кон итни институционални мерки, законски измени и обезбедување средства за заштита на жените.
Мрежата за заштита од дискриминација, Националната мрежа за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство и Платформата за родова еднаквост оценуваат дека во година во која, според нивните наводи, се случиле седум фемициди, институциите треба да се фокусираат на конкретни резултати, наместо на конференции, свечености, панели и промотивни активности.
Тие бараат овие 16 дена да бидат искористени за политички одлуки, институционална одговорност и обезбедување одржливи финансиски средства за услугите за поддршка и заштита на жртвите.
„Наместо осветлување на институциите во портокалово, бараме институциите да покажат дека ја разбираат сериозноста на состојбата преку конкретни дела, одлуки и преземање одговорност“, се наведува во повикот.
Шест барања за законски измени, буџет и институционална одговорност
Првото барање е итно усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, поднесени во Собранието на 26 август 2026 година, најдоцна до 10 декември.
Второто се однесува на финализирање и усвојување на пакетот измени на осум закони, за кои во април 2026 година била формирана работна група. Меѓу нив се Законот за полиција и Законот за семејство. Целта е поефикасна институционална заштита и подобра координација меѓу полицијата, социјалната заштита, правосудството и другите надлежни институции.
Третото барање е обезбедување конкретни буџетски средства во Буџетот за 2027 година, вклучително и најмалку 200 милиони денари за специјализирани услуги за заштита и поддршка на жртвите на насилство, како и превентивни програми за третман на сторителите.
Организациите бараат и усвојување и јавно објавување на заклучоците од собраниската надзорна расправа за родово базираното насилство, со јасно утврдени институционални задолженија, рокови и механизми за следење на нивното спроведување.
Петтото барање се однесува на повлекување на измените во законите за основно образование и учебници за основно и средно образование, усвоени во април 2025 година, како и на упатството за заштита од насилство во основното образование и програмата за сексуално образование. Според организациите, овие промени ја ослабнале заштитата од дискриминација, родовата еднаквост и превенцијата од родово базирано насилство. Тие бараат и враќање на сексуалното образование.
Шестото барање е утврдување индивидуална и институционална одговорност за сите случаи на фемицид, вклучително и последниот случај со 17-годишната девојка од Богданци. Организациите бараат независни проверки на постапувањето на надлежните институции и конкретни последици доколку се утврдат пропусти.
Повик до меѓународната заедница и жените во политиката
Со истите барања, организациите се обратиле и до амбасадите на европските демократски држави во Северна Македонија, Делегацијата на Европската Унија, агенциите на Обединетите нации, ОБСЕ и другите претставници на меѓународната заедница.
Од нив бараат да го искористат својот политички авторитет за поддршка на предложените мерки, да побараат конкретни одговори од Владата и Собранието и да го следат напредокот во нивното спроведување.
Посебен повик е упатен до жените од сите политички партии, пратеничките, градоначалничките, претседателките и членките на општинските совети, без оглед на нивната политичка припадност.
Организациите сметаат дека заштитата на жените не треба да биде предмет на партиски поделби и бараат жените кои имаат политичка моќ и влијание да ја покажат својата поддршка преку законски иницијативи, буџетски решенија и барање одговорност од институциите.
Поддршка за протестите и граѓанските иницијативи
Предложениот мораториум, нагласуваат организациите, не значи прекин на граѓанскиот активизам. Напротив, тие ја поддржуваат организацијата на протести, маршеви, локални иницијативи, културни активности и активности на младите, училиштата и организациите кои обезбедуваат директна поддршка за жените.
Мораториумот се однесува на учеството во конференции, свечености и протоколарни настани организирани од институциите, доколку тие не се проследени со конкретни резултати.
Воедно, упатен е повик за поддршка на протестот на Граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“, најавен за 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, како и на другите автентични граѓански иницијативи.
На 10 декември, кога завршува кампањата, тие очекуваат јасни одговори: кои закони се усвоени, колку средства се обезбедени за заштита и превенција, кои мерки се преземени и кој понел одговорност.
„Секој следен фемицид не е само трагедија. Тој е и прашање за тоа што институциите можеле, а не направиле за да го спречат“, порачуваат трите граѓански мрежи.






