Премиерот Зоран Заев во вечерашното гостување во ТВ21, кажа дека Мицкоски води неразумна и неодговорна политика и токму затоа не гледа потреба зошто да разговара со него за ситуацијата со Бугарија.
„Го гледам Мицкоски, зборува за малцинствата. Па што направија 11 години за тие малцинства? Каква е таа хипокризија? Ние според Устав не можеме да се мешаме во внатрешни работи на друга држава. Тоа е наша уставна определба, тоа е определба според Договорот, немаме претензии кон ниту еден сосед, исто и малцински претензии кон ниту еден сосед“ – рече премиерот Заев во гостувањето во ТВ21.
Заев кажа дека Владата води транспарентна политика во решавањето на односите со Бугарија, додека Мицкоски гледа како да заработи политички поенти покажувајќи националистички мускули.
„Ние секојдневно информираме за што разговараме, до каде сме дојдени, ги кажуваме позициите, кои се националните интереси, како ги заштитуваме, кој стои зад таквите интереси, од каде ја црпиме аргументацијата за сите овие наши ставови. Но ако тргнете внатре во парламентот од некој кој што љубовта кон татковината, кон сопствениот народ, ја гледа како трчање на 100 метра и само прави сé заради пусти политички поени и за да дојде до власт – немате разумност. Јас се обидов, повеќе од сите, да разговара за сите овие прашања.
Јас за сите овие прашања сум го канел до сега, за сé – дали е за законот за употребата на јазиците, дали е за договорот со Бугарија, дали е за договор со Грција… Во жижата на разговорите, не го правите тоа со сите внатре, и одговорни и неодговорни политичари…
Сé што покажал до сега е немање став, никаква одговорност. Дефинитивно, неразумноста, нерационалноста, единствено водејќи се од своите политички цели, да се калкулира со политички поени, да се покажува националистички мускули и да се ќари само од тоа, тоа ме става во ризична позиција, да разговарам со вакви личности заради тоа што до сега тоа сум го правел и никојпат ниту за една работа не сме постигнале решение“ – одговори Заев на прашањето дали е потребна лидерска средба на тема македонско-бугарски односи и вклучување на Мицкоски во процесот за надминување на спорот.