По осумчасовната дебата на министрите за надворешни работи, германскиот министер за Европа, Михаил Рот, кој вчера претседаваше со Советот за општи работи на ЕУ, изјави дека преговарачката рамка за Северна Македонија не е усвоена. Рот се надева на компромис до крајот на годината, но ако продолжат билатералните конфликти, македонските преговори со ЕУ нема да започнат набрзо.
Бугарско вето за Северна Македонија дојде директно од шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева. Според неа, преговарачката рамка на ЕК не ги одразува бугарските барања, а за С. Македонија нема место во ЕУ семејството, ако не се исполнат условите, базирани на рамковната позиција на Бугарскиот Парламент.
„Ние имаме три основни услови: Придржување кон формулацијата за јазикот од 1999 година, потврдена и со Договорот за пријателство и добрососедство; утврдување план за спроведување на Договорот од 2017 година; и многу јасен и прецизен текст дека нема да има претензии за македонско малцинство во Бугарија. Овие услови сè уште не се вклучени во преговарачката рамка“, изјави Захариева.
На Владината седница која се одржа вчеравечер било констатирано дека бугарското вето е „неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето, лоша порака за целиот регион и пораз за фундаменталните европски вредности и принципи“.
Високи владини извори брифираат дека преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија и дека нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнувањето на европските стандарди.
Гудрун Штајнакер поранешен заменик германски амбасадор во Бугарија и во земјава како што пренесува Дојче Веле, пишува дека барањата на Бугарија кон Северна Македонија се ненаучен, нереален и лесно проѕирен внатрешно-политички мотивиран потег. Тој смета дека Берлин мора да го притисне својот „пријател“ во Софија. Воедно потсетува дека и партијата на Бојко Борисов ГЕРБ настанала кон крајот на 2006 со германска помош пред се’ од Фондацијата на ЦСУ, Ханс Зајдел.
Тој смета дека мора да му се даде за право на првиот човек на тинк-тенкот на Европската иницијатива за стабилност ЕСИ Гералд Кнаус, a кој одлучно бара разликите во ставовите околу националните прашања, историја, идентитет, вклучително и националниот јазик да нè смеат да се користат за попречување на зачленување во ЕУ.
Весела Чернева, заменик директор на Европскиот совет за надворешна политика ECFR и директор на софиската канцеларија на организацијата во интервју за бугарски „Капитал“ посочува дека блокирањето на која било земја кандидат за ЕУ, не се прави врз основа на историјата и идентитетот.
Според неа тоа се прави врз основа на достигнувањата како што е примената на европското законодавство и достигнувањата на европските стандарди. Таа потенцира дека Бугарија ја внесува историјата во процесот на проширување што би го направило практично невозможно или многу тешко да напредуваат и останатите балкански земји.
„Постојат најмалку 11 билатерални спорови на Балканот и ќе биде опасно ако секој може секого да блокира“, предупредува Чернева.
Таа посочува дека тоа не се прави врз основа на историјата и идентитетот и посочува дека во ЕУ постои договор дека овие земји-членки се собрале во заедница за заедничка иднина, а не затоа што сакаат да ги решат своите историски проблеми. Според неа тоа се постигнува преку економска кохезија, трговија и модерна дипломатија..
Чернева смета дека уште сè не е завршено за Северна.Македонија бидејќи има време до крајот на годинава.
„Рокот што беше даден вчера беше малку вештачки. До крајот на годината може да има уште еден обид,но искрено кажано шансите не се многу оптимистички. Не можам да замислам Португалија да се занимава со проширување на ЕУ кон Западен Балкан. Можеби Словенија, за која тоа веројатно ќе биде уште потешко“ оценува Чернева.
Антоанела Димитриевска