– Кога нешто ќе ме воодушеви веднаш добивам инспирација и желба да направам илистрација, како некој вид поддршка, независно дали се работи за филм, серија, уметнички настан итн. Така настана и серијалот кој е посветен на новата серија „The Queen’s Gambit”, вели уметникот Зоран Кардула.
Фронтлајн разговараше (изигра кратка симултанка во 9 потези/илустрации) со македонскиот графички дизајнер и сликар Зоран Кардула за неговиот серијал илустрации, посветени и инспирирани од ТВ серијата „The Queen’s Gambit”.
Кардула вели дека уште од првите моменти бил купен од серијата и од неверојатната чиста естетика.
Мора нешто вистински да ги размрдало фигурите на уметникот за една таква во еден здив, би рекле – офанзивна партија од илустрации?
Кардула: Уште во првите десетина минути ме купи серијата. До перфекција – внимавано на секој детаљ, секоја секунда прецизно точна, невероватно чиста естетика, едноставно одлично направена.
Безмалку сите коментари за „The Queen’s Gambit” се позитивни. Серијата за кратко време го преврте на глава вниманието на светската филмска јавност. На што се должи тоа?
Кардула: Советници во шаховските сцени биле Брус Пандолфини, најискусниот американски шаховски тренер како и поранешниот светски шампион Гари Каспаров. Главниот лик Бет Хармон е одлично доловена од Ања Тејлор Џој. Млада девојка со драматичен животен тек, но опседната со шахот и својата генијалност ја потврдува во натпреварите со најмоќните шахисти. Сето ова ме инспирираше и направив неколку илустрации од различни сцени во обид да ја доловам дел од атмосферата.
Во твоите серијали често експериментираш со експресијата на деталите, а забележително е посебното внимание што му го посветуваш на ликот од главните улоги во илустрацијата. Зошто овој пат само едно око?
Кардула: Во последно време во моите серијали жените ми се без лик, но тука добив впечаток дека треба да додадам едно око кое некако ми остави длабок впечаток. Всушност тоа е погледот на главниот лик кој режисерот одлично го доловува. Зошто само едно око, дали има некакво значење? Не, нема, едноставно тоа е моја интерпретација на главниот лик.
Серијали од илустрации инспирирани од филм, или историски настани не се изненадување во богатиот уметнички опус на Кардула. Тука секако се илустрациите на тема од Војна на ѕвездите, Народните херои од бивша Југославија, постери на тема „Soviet Neo-Constructivist Propaganda“, Спомениците на НОВ и уште многу други.
Покрај неверојатната уникатност во уметничкиот израз што е признат и потврден во светски рамки со негови бројни самостојни изложби од Минеаполис, па до вечниот Рим, а оттаму и низ целиот свет, покрај сета таа уметничка „пожртвуваност“, она што го двои од другите е тоа што Зоран Карула е посветен активист и истраен борец за правда, за човековите права и слободи, поборник за толеранција почитување на различностите и еднаквост.
„The Queen’s Gambit”
„The Queen’s Gambit”
„The Queen’s Gambit”
Јане Ѓорѓиоски