Трендот на новозаразени кој од ден на ден достигнува сериозни бројки, наметна потреба од реорганизација на постоечките здравствени капацитети и воведување нови мерки. Тоа резултираше Советот за безбедност на Северна Македонија да предложи, а Претседателот да прифати воведување на кризна состојба во целата држава во траење од 30 дена. Денес се очекува Владата да прогласи кризна состојба. Тоа ќе овозможи подобро менаџирање на сите капацитети и човечки ресурси, а на располагање покрај јавните, ќе бидат и приватните болници. Од утрово како што известуваат од Министерството за здравство, ковид одделенијата во Скопје се проширени за дополнителни 43 кревети кои се ставени во функција на пациентите суспектни и потврдени за Ковид-19.
Драматична ситуација во државите од регионот со коронавирусот
Грчкото министерството за здравство, принудно ќе презеде две приватни клиники и ќе ги стави комплетно во функција на државата. Во Србија според нивниот кризен штаб, ситуацијата со Ковид-19 е катастрофална – регистрирани повеќе случаи од Ковид-19 во последните два дена отколку во првите три месеци од епидемијата. Во Хрватска во првите 19 дена од ноември, бројот на хоспитализирани лица заразени со коронавирусот е двојно зголемен, а бројот на пациенти на респиратори постојано расте. Бугарија е на трето место во ЕУ и втора на Балканот според смртност од Ковид-19 врз основа на период од 14 дена.
Грција принудно презема две приватни клиники од Солун за пациенти со Ковид-19
Поради лошата епидемиолошка слика во Солун и исполнетите државни болници, Министерството за здравство на Грција, принудно презема две приватни клиники и ги става комплетно во функција на државата, врз основа на соодветниот закон изгласан од грчкиот Парламент.
Вчера, во Грција беа регистрирани 3.227 нови случаи на Ковид-19, од кои 774 новозаразени се во Солун.
Солунските приватни болници, комплетно, заедно со персоналот, по наредба на државата во следните 15 дена ќе бидат на располагање на националниот здравствен систем. Одлуката и наредбата доаѓаат откако не беше постигнат взаемно прифатлив договор меѓу Министерството и Здружението на приватни клиники. Паралелно управата на двете приватни клиники е лишена од било какво право на управување или правно застапување.
Во Србија за два дена заразени 10.607, колку и во првите три месеци од пандемијата
Министерството за здравство на Србија регистрирало повеќе случаи во последните два дена отколку во првите три месеци од епидемијата, објави националната телевизија РТС.
Според Министерството за здравство од почетокот на падемијата во Србија од Ковид-19 заболеле 97.988 луѓе, а починале 1.081. Само во вторникот и средата во таа држава се регистрирани вкупно 10.607 новозаразени. Тоа е колку и во првите три месеци од епидемијата. Нова седница на српскиот Кризен штаб се одржува денеска поради моменталната неповолна епидемиолошка состојба, за која главниот епидемиолог д-р Предраг Кон нагласи дека е „катастрофална“.
Ситуацијата се влошува од ден на ден и се пополнуваат речиси сите болнички капацитети. Најтешко е во Белград, каде што вчера почнаа да се превезуваат пациенти со Ковид-19 до Параќин.
Хрватскиот министер за здравство е заразен со коронавирусот
Во првите 19 дена од ноември, бројот на хоспитализирани лица заразени со коронавирусот е двојно зголемен во Хрватска, а бројот на пациенти на респиратори постојано расте, изјави државниот секретар во Министерството за здравство, Томислав Дулибиќ. Во извештајот за состојбата на коронавирусот во Хрватска, Дулибиќ предупреди дека сегашниот процент на новоинфицирани, кои не доаѓаат од самоизолација, достигнува дури 80 проценти.
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, најави нов пакет мерки со цел сузбивање на коронавирусот. Тој посочи дека се потребни дополнителни напори за да се намали оптоварувањето на здравствениот систем, пренесува порталот Индекс.
Хрватскиот министер за здравство Вили Берош е заразен со коронавирусот, потврди вчера Министерството за здравство откако тој не се појави на владина седница.
Бугарија е на неславно трето место во ЕУ по смртност од Ковид-19
Бугарија е на трето место во ЕУ според смртност од Ковид-19 врз основа на период од 14 дена, изјави главниот државен здравствен инспектор Ангел Кунчев. Кунчев изрази лично мислење и истакна дека мора да се донесе многу дефинитивна одлука – или усогласување со мерките сега или да се премине на многу построги.
„Другата опција е сè повеќе болни и се повеќе изгубени животи“, додаде Кунчев.
Вчера, во Бугарија беа потврдени 3.938 нови случаи на Ковид-19 Стапката на позитивност е 39,58 проценти, а во истиот период починале уште 117 лица со што вкупниот број на смртни случаи од почетокот на пандемијата достигна 2.530.
Вкупниот број на потврдени случаи на Ковид-19 во Бугарија е 110.536, од кои 75.526 се активни. Хоспитализирани се 5.629 пациенти, од кои 313 се на интензивна нега.
Во светот бројот на заразени со коронавирус ја надмина бројката од 57 милиони, а последните милион случаи се регистрирани за нецели два дена
Според веб-страницата „Worldometers“, од почетокот на пандемијата на коронавирусот во светот се регистрирани 57.385.376, а само во последните не цели два дена има милион случаи на нови заразени.
Од Ковид-19 досега во светот умреле 1.368.551 лице. Во моментов, во светот има 16.136.282 активни случаи на инфицирани со коронавирус.
Најголем број на заразени лица има во САД-над 12 милиони, следена од Индија со речиси девет милиони и Бразил, каде што бројот на заразени се приближува до шест милиони. Од европските земји, најпогодена е Франција, која е четврта во светот со 2,08 милиони, а шеста е Русија со малку над два милиона.
Македонскиот министер за здравство Филипче, вели дека нè очекува критичен период.
„Мобилизиран е целиот кадар во јавно здравствените установи. Во целата зграда на интерните клиники ќе се лекуваат ковид пациенти, сите три спрата сега се целосно спремни. Спремни сме да ги ангажираме и хируршките клиники“, истакнува Филипче.
Според последните податоци, досега во Македонија се регистрирани вкупно 51.213, бројката на оздравени пациенти е 30.204, на починати е 1.423, а бројот на активни случаи изнесува 19.586.
Во трката за вакцина против Ковид-19 се вклучија многу земји, при што цели тимови настојуваат истражувањата, што вообичаено трааат по неколку години, да ги завршат во многу покуси рокови. Се проценува дека со производство на вакцината на Фајзер и германската компанија Бионтек ќе се почне до крајот на годинава
И додека се очекува појавата на многу спомнуваната вакцина „Оксфорд/Астра-Зенека“ која е во трета фаза на испитувања и се најавува дека на крајот на декември или почетокот на јануари ќе се најде на пазарот, како силен зрак надеж одекна информацијата која ја објавија американскиот производител на лекови Фајзер и германската компанија Бионтек, дека имаат ветувачки рани резултати во третата фаза од тестирањето на нивната вакцина. При 94-те случаи на коронавирус меѓу учесниците во испитувањето, вакцината била со над 90-отстотна успешност по седум дена од примената втората доза. Според најавите, со производство на вакцината ќе се почне по добивање одобрение од ФДА, а се проценува дека тоа ќе биде до крајот на годинава.
Ј. Ѓорѓиоски