пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Бугарија ја третираме како порнографски магазин во собата за давање на сперма.
Сликите се возбудливи.
Жената има феноменални облини.
И атрактивни пози.
Кофите се преполни со семе.
Убави, разиграни, македонски сперматозоиди од кои ќе се родат луѓе кои во клучните моменти на животот, се некој ќе ги праша: што биле пред 45!?
Ние влегуваме во комората за дркање не без провокации, се разбира, не сме ние толкави перверзњаци, но кога ќе се случи таа провокација, најчесто од надвор, пројавуваме неверојатен ентузијазам.
Дури и од страна тоа изгледа како природен ред на нештата.
И во такви настроенија Македонија оди напред, но, се плашам дека тоа го прави на сметка на масата, на супстанцата.
Во сооднос кој може да ја направи целта недостижна.
Или бесмислена.
Ние ги користиме надворешните напади и провокации за да се утврдиме во губитничкиот модел.
Не за да излеземе од тој формат.
Тоа е голем проблем.
Ние губиме и кога победуваме.
Или ни се чини дека победуваме.
Затоа што со победите остануваме во губитничкиот мод.
Таа инерција не поминува без одредени задоволства.
Чувството на жртва и на неправда кои се множат со “хималаите” на македонските заслуги за дострелите на светската цивилизација, му даваат на Македонецот основи да потоне во омиленото дркаџиство, во сјајот на нерефлектираната меланхолија и во агресијата на кучињата кои лаат по карванот на стварноста кој врви.
Јас мислам дека централното прашање не е дали ќе се одбраниме од бугарската блокада, туку дали можеме да излеземе од нивото на саморазбирањето што го скициравме погоре. Од прилично потрошените модели, парадигми, од светот кој не држи свиткани под нискиот плафон како индиски деца во европските фабрики за текстил во Калкута.
Тие модели се една од главните причини кои ја доведоа самата идеја за Македонија пред банкрот. И го проблематизираа македонскиот државен и национален проект како комунистичка деформација. Квинтесенца на тие модели на националното саморазбирање во услови на самостојност и демократија стана вмро, организацијата која триесет години го прави тоа што со Меморандумот и блокадата се обидува да го направи Бугарија. Меморандумот дојде откако штетите што ги предизвика Портокаловата преродба, се покажаа недоволни за да ја урнат македонската куќа. Скопје 2014 е изграден за да му покаже на светот каква карикатура од нација живее во долината на реката Вардар. Тоа е. Последната шанса е во тоа нормалниот дел од општеството да разбере дека опасностите се поголеми отколку што му се чинат додека мастурбира во кабината за спермодајство. И дека не доаѓаат само од надвор.
Нацијата мора да влезе во процес на внатрешна преобразба, на внатрешни катарзични процеси, на прочистување и ново втемелување, на нова енергија, поаѓајќи од свеста за тоа дека илинденските циклуси се потрошен во текот на транзициската самојадност.
Би било добро ако судирот со Бугарија го искористиме за забрзување на тие процеси кои практично почнаа со Преспа.
Не за кочење.
Тим Радовани од Би Би Си тврди дека за Доминик Камингс, Брегзитот бил начин на кој ќе се реструктурира “мртвото ткиво” на британското општество- да се променат јавните служби и медиумите, дека за него целта била преродба на британското општество, а Брегзитот како таков бил начин тој процес да се забрза.
Јас мислам дека главниот советник на премиерот Џонсон и идеологот на Брегзитот, на катастрофален начин успеа да ја упропасти благородната идеја за ресетирање на британската заедница.
Ние сме исправени пред иста задача: да го реструктурираме мртвото ткиво на македонското општество, да ги смениме јавните служби и медиумите, а блокадата да ја искористиме како амбиент, контекст и акцелератор на тие процеси. За таа цел мора да се обезбеди критична маса и идејно водство. Што ќе биде многу тешко.
Кога сме кај медиумите, морам да кажам дека сега скоро налетав на еден стар статус на Романо Болковиќ кој ме потсети дека Бертранд Расел на времето предлагал во основните училишта да се учи вештината на читање на весниците со недоверба. Појдовна точка на таа доктрина бил ставот дека во весниците се е, помалку или повеќе, невистина. Денеска тоа се однесува на сите медиуми. Расел се надевал дека циничниот скептицизам, кој бил основа на таквото учење, ќе ја имунизира младината на заводливиот идеализам на расипаните.
Хахаха, колку ни е само потребна една таква реформа!
Целокупната динамика на општествениот живот и кај нас, како и во Хрватска на Романо, се изведува не од некој темелен конфликт во реалноста, ниту од судирот на стварноста и идеите, туку, социјалниот антагонизам се поместува на нивото на репрезентацијата. Така тврди Буден. Наместо настани имаме описи, наместо факти имаме толкувања, наместо слободно мислење имаме службени верзии, накратко, тука имаме работа со стварност во чие средиште е идеолошката фантазија. Се е спротивно на она што на прв поглед ни се чини, појавите не одговараат на вистината, имаме работа со идеолошки привид.
Таа кула на севозможната и во суштина смртоносна манипулација, почива на медиумите кои се испразнети од журнализам и се напумпани со препарирани животинки наполнети со измислици, лаги, свињарии, афери, глупости, дебати преку кои се репродуцира смртта на заедницата, контактни срања преку кои се усмрдува и уништува јадрото и смислата на постоењето. Фабрики за производство на хистерија, очај и хаос.
И додека е тоа така, таканаречените здруженија, на таканаречените новинари, си делат награди, лапаат по некој денар плати и чекаат некого да осудат.
„Најостро го осудуваме нападот со шампити врз нашиот монструм од реакторот на теве алфа или бета“, нема везе!
Сомови во тињата на финансиската и политичка кабала.