пишува: САШО ОРДАНОСКИ
Дневната мерка во политиката – како и во новинарството или глумата, впрочем – е да вредиш толку, колку што ти вреди твојот последен јавен настап. На подолги патеки, идните генерации, од комоцијата на историската дистанца, подобро ќе го ценат твојот севкупен „визионерски“ придонес.
Тоа, нормално, е ризична стратегија, доколку сте заинтересиран само за сопствениот дневно-политички опстанок.
Имајќи го ова на ум, што кажа премиерот Заев во своето последно интервју за бугарската агенција БГНЕС, за многумина овде да се занимаваат дури и со неговиот актуелен политички опстанок?
Во суштина, Заев дал интервју во кое повеќе мислел – „низ призмата на пријателството“ – како тоа ќе резонира во бугарската, одошто во македонската јавност. Пријателството, имено, е најчесто употребуваниот збор во разговорот, а неговите толкувања за траумите на поновата македонско-бугарска историја се површни и на места импровизантски, бидејќи тој се труди, прилично „аполитично“, во интерпретацијата на историјата да се води само од нејзиниот политички потенцијал за градење подобра иднина меѓу Македонија и Бугарија.
Тоа е пристап во кој големата слика е поважна од деталите, за кои орно ќе се фатат сите застапници на Ѓаволот. А во таа, „голема слика“, Заев можеби и недугаво ќе нè натера да продебатираме за некои со децении негувани македонски историски стереотипи, што е секако, на долги патеки, попродуктивно за „националното здравје“, од историските национални митологии со кои самозадоволно се замајуваат повеќето од другите на Балканот.
Оние кои ја споделуваат оваа надежна политичка интенција на македонскиот премиер, лесно ќе одмавнат на, често, провизорните историски толкувања на Заев за времињата зад нас. За тоа, верно, денеска е потребен голем напор и многу добра волја, бидејќи официјална Бугарија, неочекувано, самата „пропадна“ во сопствените историски конвулзии во однос на Македонија во момент кога овдешните очекувања (особено и на самиот Заев) беа дека за тоа може да се води „европски“, „француско-германски“ стручен историски дијалог што би траел со години, многу по формалното отпочнување на македонските европски пристапни преговори, кои и така би траеле не помалку од една деценија.
Но, Бугарите решија „историјата“ да се расчисти „во две недели“, сега и овде, пред да почнеме да преговараме со ЕУ; а Заев очајнички се обидува – и со ова интервју – да ѝ даде причина на Софија таквата еднострана и донесена од позиција на сила одлука да ја промени. Затоа интервјуто делува и „округло, па на ќоше“, со редица „заевистички“ толкувања кои на Софија ѝ оставаат можност дури и да ја поправи сликата пред своите европски партнери кои нејзините ставови, со право, здушно ги оценија за неконструктивни, „балкански“ (во најлошото значење на тој политички квалификатив) и, во добра мера, анти-европски, во смисла на натамошното интегрирање на регионот во Европа.
Со други зборови, Заев – за разлика од можеби и поголемиот дел од македонската јавност – не сака Македонија во оваа историска фаза да остане „морален победник“ во однос на Бугарија, а надвор од Европа. Во Македонија има стотици политичари и илјадници коментатори кои би дале многу подобри „морално-победнички“ одговори на прашањата на бугарскиот колега од БГНЕС. Впрочем, веќе ги даваат како надојдена река од емоции и несогласувања.
Заев, пак, „по функција“ знае, поточно од повеќето од нас, со оглед на целата светска економска, здравствена и вредносна криза, дека од меѓународните одобрувачки „тапкања по грбот“, реално, не се живее. Давајќи го интервјуто за БГНЕС, тој свесно прифаќа да оди на работ од „жилетот“ на домашното незадоволство, само за да обезбеди подобра иднина за земјата со која раководи, макар врз него и да се сруши моментниот одиум кај голем дел од македонските граѓани.
Може да е Заев и саможртва на сопственото наивно сфаќање дека едно интервју може да ја промени билатералната политика меѓу два соседи. А, можеби е тоа само „круна“ на цела низа од други координирани дипломатски напори што се превземаат без поблизок увид на јавноста?
Тоа е опасен пристап за секој политичар, бидејќи неговиот легитимитет не извира од одеците во странската (бугарската), туку од домашната (македонска) јавност. Облогот на Заев е дека со своите сега и вака формулирани ставови ќе успее да направи продор по прашањето на македонската евро-интеграција во Софија и дека тоа, во перспектива, ќе го надмине виорот од домашно незадоволство за така срочените ставови.
Проблемот ќе стане многу поголем доколку Софија остане „мртва-ладна“ на неговото интервју и доколку ветото опстои. Тоа, со коцкарски речник, би се оквалификувало како „дупло голо“ во македонската јавност. Таквата политичка штета ќе биде тешко да се исправи дома. Дури и кога е еден Заев во прашање, кому не му е првпат дрско да ја предизвикува политичката комоција на македонската јавност.
Затоа уште од вчера самозадоволно триумфираат сите оние чија вообичаена траорна дикција е „ја да ти кажам, друже Заев!“, со сите дополнителни „предавнички“ и „мафијашки“ епитети во ритуалот на патетичното черечење на неговиот лик и дело.
Што ќе биде утре, тешко е да се предвиди. Жирито заседава… Но, јас би прогнозирал победа на Заев во фото-финиш, за гради пред спасоносно разбудените политички противници. На Македонија, просто, ѝ е судено да игра во европско финале!
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.