Лажните вести и теориите на заговор што се шират по социјалните мрежи и разните портали, поврзано со пандемијата, го загрозуваат сериозно животот и безбедноста на медицинските работници кои целиот период се борат против вирусот и за спасување на нашите животи.
Како последица на таквите лажни информации кои сеат страв меѓу населението, дошло до инциденти и напади во просториите на здравствените институции. Одредени граѓани, роднини на пациенти, кои биле жртви на влијанието на лажните вести, нападнале лекари и медицински сестри со што го ризикувале животот на белите мантили, а отвориле и дополнителни законски проблеми за себе. Според информациите што МВР ги обезбеди за ЦИВИЛ Медиа, во периодот од јануари до септември 2020 година регистрирани се 38 настани во врска со напади врз медицински лица и персонал.
„Од нив, 10 настани се на подрачјето на СВР Скопје и СВР Куманово, потоа СВР Струмица осум настани, СВР Тетово пет настани, СВР Битола три настани и по еден настан на подрачје на СВР Велес и СВР Штип. По преземени мерки и активности, поднесени се 33 прекршочни пријави по Законот за прекршоците против јавниот ред и мир за нарушен јавен ред и мир, по две кривични пријави за кривично дело „загрозување на сигурноста“ и „напад на службено лице при вршење работи од безбедноста“ и една кривична пријава за кривично дело „насилство“”, се вели во одговорот на МВР за ЦИВИЛ Медиа.
Лекарите и здравствените работници контактирани од нашиот тим не сакаат јавно да зборуваат на оваа тема од страв да не се сфатат погрешно од роднините на пациентите и лицата кои биле инволвирани во инцидентите. За нив велат, забележале дека биле манипулирани од дезинформации и жалат за тоа, но потврдуваат дека создадената атмосфера со лажните вести им ја отежнува работата. Некои од нив раскажуваат и конкретни ситуации кога биле принудни да работат под притисок и закани.
“Имавме ситуација кога пациентот не беше заразен од Ковид -19, но требаше да направиме лабораториска анализа. Кога сестрата појде да и зеде крв на пациентката, нејзиниот син се спротивстави обвинувајќи не дека преку земање крв сакаме да ја заразиме со Ковид-19 и да ја убиеме. Ние му рековме дека не станува збор за вирусот корона туку мајка му има друга болест, но тој ни побара да гарантираме дека до крај нема да испадне заразена и дека ќе ја лечиме и нема да умре. Кој може да гарантира такво нешто!? Од друга страна ние не можеме да ја третираме понатаму без крвна слика бидејќи таква и беше состојбата и дијагнозата”, раскажа С. А. вработена во една од здравствените клиники.
Во друг случај, нејзина колешка ни објасни дека од страв и како последица од лажните вести, роднини не сакале да остават пациент да лежи во инфективна клиника, но ситуацијата ја спасил друг роднина на друг пациент.
“Го донесоа таткото во тешка состојба и мораше да влезе на кислородна поддршка. Кога му кажавме на синот дека мора да лежи, он почна да се буни и да ни кажува дека сакаме да го убиеме. Врискаше, гарантирам нема да излезе жив, вие сакате само жртви! Ни беше жал и за пациентот, но и за синот, но и за нас, бевме во опасна ситуација. За среќа на влезот кај што се случи ситуацијата беше друг господин кој му објасни дека мајка му била на тешка состојба и деновиве чекаше да ја земе дома оти се лечела благодарение на третманот на нашата клиника. Тој му објасни дека сѐ што читал на интернет е лага и дека тука не се убиваат туку се лечат заболените”, објасни медицинска сестра од клинички оддел за инфективни болести.
Интересен е фактот дека сите манипулирани граѓани кои имаат резерви кон здравствениот тим, третманот на болниците и целата ситуација, според сведочења на здравствените работници, се повикувале на “читавме на интернет”.
Арбен Зеќири / ЦИВИЛ МЕДИА