„Сообраќајот е наша заедничка болка, но тоа е знак дека градот расте, се шири и се зголемува бројот на жители. Започнуваме уште веднаш со рекострукција на една од главните крстосници која е многу прометна. Вредноста на тој проект е околу 13,5 милиони денари. Започнуваме веднаш со реконструкција на голем број улици, водоводна и канализациона мрежа, ќе го прошириме булеварот „Партизанска“, со што ќе направиме комплетна реконструкција на патната инфраструктура со цел да го намалиме метежот.“ го изнесе својот план за регулирање на сообраќајот, кандидатот за градоначалник на Штип од редовите на СДСМ, Сашко Николов.
Еден од сообраќајните проекти предвидува реконструкција на патот до штипската болница, за што се обезбедени 20 милиони денари од општината и девет милиони денари од Владата. Таа улица ќе има две ленти, паркинг места, пешачка зона, но ќе остане заштитен дрворедот. Николов во настапот зборуваше и за важноста на чистата животна средина.
„Многу важно ми е здравјето на моите сограѓани, да можат здравјето да го добиваат во секојдневиоето, а за тоа ни треба чист воздух и чист простор. Сакаме да поставиме поголем број мерни станици на амбиенталниот воздух, ќе воведеме нов режим за собирање смет, а за таа намена ни стигаат шест нови возила, ќе почнеме да го делиме сметот, да го едуцираме населението како да го делат сметот дома… Потоа, ќе направиме прочистителна станица за да обезбедиме дополнителни количини вода за пиење. Во однос на подобрување на квалитетот на воздухот ќе насадиме нови зелени површини, ќе започнеме со изградба на рекреативна патека за пешаци и велосипедисти, односно ќе го поврземе Караорман со градот“- изјави Николов.
Како спортски град Штип заслужува поголема посветеност кон спортот, па затоа Николов уверува дека како градоначалник ќе продолжи да го поддржува, но и да изгради неколку објекти со кои драстично ќе се подобрат условите за спортистите.
„Ќе имаме затворен базен за децата, учениците и граѓаните, ќе реконструираме спортски игралишта и терени, ќе се прават трибини на стадионот, предвидена е реконструкција на сите спортски училишни сали, ќе продолжи поддршката на спортските клубови…“ заврши Николов, со оптимизам дека граѓаните ќе го направат вистинскиот избор на изборите во Штип.