пишува: Дехран Муратов / ЦИВИЛ МЕДИА
Синоќа, во срцето на Европа, во Париз, фудбалерите на Истанбул Башакшехир го прекинаа натпреварот против ПСЖ и го напуштија теренот во знак на протест поради расистички испад на четвртиот судија Себастијан Колтеску, кој на првиот судија Овидиу Хатеган му рекол „исклучи го црниот“, мислејќи на помошниот тренер Пјер Вебо. Турските фудбалери добија поддршка и од фудбалерите на ПСЖ.
Но, расизмот не заврши со прекин на натпреварот, напротив, расизмот од „Паркот на принцовите“ се пресели на социјалните мрежи. Дел од коментарите се: „Голема работа ако го нарече црнец, е како да го нарече, белец?“, „Ние белците не се лутиме ако некој не нарече белец, не знам зошто црнците се лутат“, „black lives matter само не смееш да кажеш black“… и низа „смешни досетки“ и „експертски“ толкувања дека зборот „црнец“ не е расизам и навреда.
А како може расист да прифати дека е расист, кога тој едноставно не е ниту свесен дека некого навредува!? Пример во нашата држава сме сведоци на расизам каде пред сè Ромите се нарекуваат „ќумбиња“, „ќумур“… Или секојдневните изрази: „црн е како Циган, Ѓуптин“, или кога некој сака да се „пофали“ дека се исончал на плажа вели: „абе како циганче сум станал/а“…
За фудбалот знае да се каже дека е најбитна споредна работа на светот. Израз кој не е далеку од вистината, особено ако се земе предвид дека преку фудбалските натпревари често се упатуваат политички, национални, националистички или расистички и други пораки. Фудбалот не е само спорт, туку стана место каде што големите (политички и бизнис) играчи си ги одмеруваат силите.
Турскиот претседател Ердоган го осуди вчерашниот инцидент во Париз и упати порака дека Турција е против расизмот. Но, дали реакцијата на Ердоган е всушност порака до францускиот премиер Макрон, имајќи предвид дека периодов не се во најдобри односи…
Треба да му се стави крај на расизмот, за да не воскресне нацизмот! Ајде сите заедно да му дадеме директен црвен картон на расизмот и национализмот и да се обединиме во различноста.