Бугарскиот парламент дефинитивно го преименува националниот празник 24 Мај. Со измените на Законот за работни односи, во текот на вчерашниот ден, кои добија поддршка од ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов, како и од „Обединети патриоти“, празникот од Ден на бугарското образование, култура и словенско писмо се преименува во Ден на светите браќа Кирил и Методиј, за бугарската азбука, образование и култура и за словенската литература, објави БГНЕС, а пренесе 360 степени.
Георги Гоков од БСП се спротивстави на тоа, според кого Законот за работни односи не е место за решавање на историски спорови. Овој потег, како што рече, нема за цел да изгради национална самодоверба и патриотизам, туку да го одвлече вниманието на бугарското општество од сегашните проблеми, пренесува offnews.bg.
Милен Михов од „Обединетите патриоти“ ја спореди позицијата на БСП со изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, во која тој рече дека словенското писмо дошло во Русија од македонските земји.
На 1 октомври бугарското собрание со 73 гласа „за“, 4 „против“ и 34 „воздржани“ го усвои во прво читање предлогот на коалицијата „Обединети патриоти“ предводена од ВМРО-БНД на вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов, која е дел од владата на Борисов, за преименување празникот 24 Мај.
Формулацијата „празник на словенското писмо“, според „Обединети патриоти“, била измислена од Комунистичката партија на Бугарија пред 30 години.
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, тогаш, одговарајќи на новинарско прашање каков е ставот на Владата за ваквата одлука на бугарскиот парламент, рече дека Мешовитата комисија има постигнато консензус и дефинитивен текст како да се интерпретира улогата и како да се одбележат заедничките чествувања меѓу двете држави и секое поместување од тоа што го работела Комисијата значи дека се минира целиот процес.