Најдоцна од 1 март ќе профинкционира платниот промет на „Македонски пошти“, откако до крајот на годинава ќе се потпише договорот со „Халкбанк“, соопшти денеска директорот на Пошти, Јани Макрадули, а пренесе 360 степени.
„Очекувам од 1 март граѓаните да можат да плаќаат, по најниска провизија, на 330-те точки кои ги одржуваме. Верувам дека со дополнителни активности ќе го скратиме времето од потпишување на договорот со банката и дека до крајот на годината ќе го потпишеме“, рече Макрадули.
Говорејќи за состојбата во ова акционерско друштво во државна сопственост, Макрадули рече дека има големи долгови, од околу 10 милиони евра, за кои вината ја припиша на извршната власт, а не на менаџерските тимови.
„2,5 милиони евра продажба на акции од Владата не стигнале во Пошта, седум милиони евра не ги добила Пошта од владата како простување на долговите на јавните претпријатија. Значи, околу 10 милиони евра долг не го направил менаџментот, туку тоа се одлуки на владата, за што не е виновен менаџментот во генералните трошоци“, рече Макрадули.