Во текот на следната година Владата на Северна Македонија на Општина Битола ќе и додели 59 милиони денари, со што градот ќе стане вистинско градилиште, најави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања на отчетот за првите 100 дена од вториот мандат на Владата што ја предводи.
Премиерот потсети дека Општина Битола ќе добива дополнителни средства од програмата за локални патишта, проекти за инфраструктура, за водовод и канализација, како и други средства со кои градот ќе се развива многу добро, како и досега.
-За Битола, заедно со министерот за локална самоуправа Горан Милевски, развиваме проект за изградба на нови жичарници на Пелистер. Сакаме да помогнеме во 2021 година да се изгради барем една жичарница.
Имаме понуди од Австрија кои се прифатливи и се наоѓаат начини за транспортирање и монтирање. Лично сум ангажиран во иницијативата што ја води министерот Милевски, а со цел поддршка на туризмот, изјави премиерот Заев.