„Прво имавме операција во Јосифово, потоа во Крушево. Два меѓународни канала за дрога пресековме периодов и имаме над половина тон запленета марихуана. Но, не е само марихуана, имаме преку 100 килограми хашиш, исто така со пресекување канал. Во Сингелиќ имавме запленето четири килограми хероион и килограм кокаин, како и синтетички дроги, тоа се секојдневни активности и затоа имаме резултати.“- изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во Студио 10 на телевизија 24.
Тој објасни дека од марихуаната од Јосифово, која беше украдена од погон за легално производство, полицијата запленила 300 килограми, но дека постојат траги каде е остатокот, односно дека е можно да заминал преку граница.
„Имаме информации кои упатуваат каде е остатокот од марихуаната. Имаме уапсено неколку лица и имаме шест кривични пријави. Кој сака нека биде вмешан, но во оваа држава еднаш засекогаш мора да се стави крај на врските. Така ќе биде додека сум јас таму и затоа не ми е важно кој чиј роднина е, кој чиј пријател е, ако некој прекршил закон задолжително мора да излезе пред лицето на правдата. Затоа во случајот со марихуаната во Крушево проверуваме дали е некој вмешан од функционерите или институциите:“- потврди Спасовски.
Д.Е.












































































































