Екс пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, седна на обвинителна клупа во Основниот кривичен суд во Скопје за случајот „Друмарина“ под обвинение дека поднесувала лажни фискални сметки, односно фискални сметки од други лица наместо нејзини и со нив наплаќала патни трошоци во периодот додека беше пратеничка.
Таа, пак, тврди дека тоа се лаги и со речиси 7 000 докази ќе го побива обвинението против неа.
„Со 6.967 докази и 28 сведоци ќе докажам пред судот и пред јавноста дека обвинението покренато против мене е невистинито и паушално, исто како што беа и големите лаги дека сум била рекордер во земањето патни трошоци, дека сум купила станови со криминални пари“, рече Бонева по денешното прво рочиште.
Според Обвинителството, лажните фискални сметки биле поднесува во за периодот од 1 јануари 2011 до 16 декември 2015 година.
„Таа до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања за присуство на седници во наведениот период, со што го довела во заблуда овластеното лице во Собранието да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен вкупен износ од 6.458. 551 денари“, се тврди во обвинението.
Обвинителството, исто така, тврди дека таа имала станови во Скопје и не патувала за секоја седница на релација од Струмица до Скопје и обратно.
Истрагата за овој случај, познат како „Друмарина“, ја водеше Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а по примопредавањето на предметите во редовните обвинителства, случајот стана надлежност на ОЈО Скопје. Обвинението беше поднесено на 4 септември годинава.