„Имаме нов предизвик пред нас, а тоа е информирањето на населението за вакцината. Во 2021 година треба да се случи масовна вакцинација на населението и тука очекувам од Владата интензивно информирање за да ги доближат информациите околу бенефитот од вакцинацијата. Прво имавме безброј дезинформации околу појавата на корона вирусот, а сега ќе се судриме со бројни дезинформации околу вакцината. Ковид-19 и вакцината како една од главните за излезот од пандемијата ќе бидат во главниот фокус и понатаму.“, истакна националниот координатор за стратегиски комуникации и за спроведување на комуникациската стратегија на Владата, Марјан Забрчанец. на денешната конференција „Перспективи 2021“, во организација на ЦИВИЛ.
Тој ја истакна и улогата на државата во информирањето за мерките што се преземаат за справување со кризата на ранливите категори и на сите кои се погодени од корона-кризата.
„Ќе продолжи и информирањето за мерките кои државата ги спроведува за ранливите категории и за сите граѓани коишто се погодени од последиците од пандемијата. Несомнено ковид-19 и во 2021 година ќе биде тема број еден.“, рече Забрчанец
Односите со Бугарија, според Забрчанец, ќе бидат на врвот на интересот на јавноста.
„Односите со Бугарија ќе продолжат да бидат во врвот на интересот на јавноста, особено бидејќи се поврзани со почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Очекувам во 2021 година да почнеме преговори со ЕУ и масовна и интензивна комуникација околу стартот на преговорите“, истакна Забрчанц околу кризните теми кои што би биле во центарот на вниманието на јавноста во 2021 година.
На конференцијата „Перспективи 2021“ се очекува да учествуваат дваесет говорници. Главното прашање на Конференцијата е: Кои се очекувањата, препораките и прогнозите за Северна Македонија во претстојната година?
Ј. Ѓорѓиоски