Да се подготви детска театарска претстава, можеби навидум изгледа лесно, но праксата покажува и докажува дека да се направи добра, пред се, едукативна театарска претстава, не е воопшто ниту брзо, ниту лесно. Материјалот што ќе им се понуди или ќе се подготви за децата треба внимателно да се бира и внимателно да се пишува, па потоа уште повнимателно да се подготви за презентација. Грешки не се дозволени, објаснува актерката Јулија Милкова, која со своето Здружение „Видливост“ во изминатите години успеа да ја направи видлива детската сцена и творештво во Струмица.
Таа е актерка во НТ „Антон Панов“ во Струмица, а желбата да се подготвуваат детски претстави, кои таа ќе ги режира, но и ќе игра во нив, биле инспирирани од нејзиниот син.
-Пред околу три и пол години, инспирирана од мојот син, почнав да размислувам како театарот да го доближам до најмалите, конкретно до целна група која оди во градинка и реално на таа возраст голема е обврската да се носат во театар, мислам во театар како институција. Во матичниот театар, освен во целовечерните претстави, редовно учествувам и во детските. Но сметам дека тоа што се нуди ниту е доволно, ниту пак секогаш е фокусирано на целна група деца од три до шестгодишна возраст. Она што ми недостигаше на мене како родител на дете на таа годишна возраст, решив да се обидам да го направам. Имав идеја, но за реализација ми требаше екипа и финансиска поддршка. Така, впрочем, се роди и Здружението за едукација и развој „Видливост“-Струмица, преку кое имаме можност да аплицираме во програмите на Општина Струмица како би добиле финансиска поддршка за реализација на идеите кои се преточија во проект, раскажува Јулија.
Заедно со колеги и колешки од театарот тргнале во авантурата за враќање на детската сцена меѓу најмалите во градинките.
-Тргнавме со екипата составена од професионални актери по градинките преку анимации и претстава со ликовите од “Домашните животни од фармата“ низ игра и забава да ги едуцираме најмалите. Инсистирав на маскоти затоа што со напредокот на модерната технологија и нивната употреба се потешко е да се задржи вниманието на децата кое ни е потребно за да може да ги едуцираме. Искуството ни покажа дека за задржување на вниманието е потребна и постојана интеракција со таа целна група. Затоа и претставите се едукативно интерактивни. Приказната во 2018 година беше успешна, па следуваше финансиска подршка од Општина Струмица и за 2019, исто така успешно завршена приказна, па ни пристигна и 2020 година со сите предизвици, подвлекува Милкова.
Нејзините планови за подготовка на нови детски претстави за момент биле запрени од пандемијата на Ковид-19.
-Во тек на реализација, непосредно пред тргнување низ градинките ни пристигна светската пандемија Ковид-19. Не успеавме во планираната временска рамка да извршиме презентација на претставата „Зелено ќоше“, овој пат со маскоти, ликови на шумски животни. Помина време, се донесе протокол за настани на отворено. Не побараа од детски фестивали во Прилеп и Штип. Муабетот беше би сакале да гостувате, но по протокол и почитување на сите мерки за заштита на сопственото и колективното здравје. Немавме никаков проблем затоа што претставите на „Видливост“, уште пред да се појави коронавирусот беа превени, костимски со заштитни мерки. Вируси и бактерии кои се пренесуваат постојат и пред оваа пандемија. Ние по градинките уште во 2018 година одевме со маски под маскотите од кои едвај само очите ни ѕиркаат, со цел да ги заштитиме дечињата. Ја обновимене „Дружината на Лајко Сезнајко“ за гостување по фестивали, а „Зелено ќоше“ наместо за во градинките ја преадаптиравме да се игра на отворено со почитување на мерки и протоколи. И да го направивме, безбедно во време на пандемија ние игравме детски едукативни интерактивни театарски претстави и имавме задоволсто да гледаме среќни детски лица кои несебично комуницираат и ракоплескаат, го пренесува своето искуство Јулија.
Смета дека Струмица е зрела за постојана детска сцена, на која би се продуцирале поголем број претстави.
-Струмица е голема општина и неопходно е да се размисли за постојана детска сцена, каде ќе се продуцираат најмалку четири детски едукативни претстави годишно, за децата од 3 до 6 годишна возраст. Но, не е само таа возраст, имаме и од 7 до 11 годишна возраст, па од 12 нагоре. Тоа се различни целни групи за кои треба различен тип претстави соодветно на возраста да е темата, пораката, едукацијата на претставата. Имаме многу за работа со децата. Не може секој родител да си дозволи да отиде во Скопје за детето да му гледа претстава соодветно на возраста. А кога сите тие работи би ги имале тука секој би дошол. Затоа, наскоро се надевам на поддршка од Општината од Министерство за култура и други расположени поддржувачи приказната да порасне, а во меѓувреме приказната на „Видливост“ да ја продолжиме со уште поголема љубов и во рамките на возможното, подвлекува Јулија Милкова.
Продолжува дека треба да се знае за која возраст треба да е претставата, но и дека треба содветен простор и објект за детска сцена
-Во моментов само главниот град ја има таа привилегија да има театар за деца и младинци, а останатите крпат некако. Ако на добра волја институцијата театар не прави некоја претстава и тоа од сопствени средства, што за детска претстава се секогаш реално малку, во ред е, но дали е доволно? Јас би рекла дека не е доволно, зашто театарот за деца сака простор со разиграни и светли бои, сака бајковита сценографија, костими и сето тоа нормално дека чини пари. Без волшебство во денешно време е тешко да се анимираат децата, а се анимираат за да научат и за да ги ценат културните вредности, па и да знаат како да се однесуваат во театар. Е затоа повеќе од потребно е да постои детска сцена, каде што ќе се продуцираат претстави за сите целни групи, па и сцена за младинци, убедена е Јулија.
На крајот уште еднаш го повтори значењето на детските претстави за правилното однесување на децата и младинците, бидејќи се додека не се направи напор да се овозможи такво нешто во публиката ќе има млади луѓе на кои телефоните ќе им ѕвонат, ќе си грицкаат, гласно ќе си муабетат еден меѓу друг, ќе дофрлуваат или навиваат во текот на претставата. Или како што вели таа дека на крајот од денот тие деца не се виновни, виновни се возрасните што не направиле ништо на таа тема.
МИА – Ристо Тасев