Од дневникот на Космонаутко или еден од одговорите на прашањето „од каде силата бе Денко?“
Пред неколку месеци добивам налог за да земам брис на постара жена, возраст каде би се обратил со тетке, можеби кон 80. Одејќи кон локацијата и` се јавувам за да ми објасни точно како до стигнам до нејзиниот стан. Ме праша кога ќе отидам, велам денес. Мислам дека преку телефон ја почувствував нејзината огромна радост
Пристигнав, ме пречека синот. Ми кажува како се радува што дента ќе и биде земено брис бидејќи била подисплашена.
Оп, тука мене ми светнува сијаличката. Штом е така работата мора малку да ја опуштиме атмосферата нели.
Влегувам, подстанува од креветот и и`велам Добар ден генерацијо Во истиот момент видов лице со насмевка од уво до уво. Знаев, готово, тоа е тоа Од тој момент се течеше како да се знаеме 100 години. Земањето на брисот, разговорот на тема корона, пазење и внимавање, како јас се снаоѓам….. На излегување се поздравивме со Чао генерацијо, ни остана како наш заштитен знак.
Се видовме уште еднаш, можеби и двапати и тетката ми вика поминувај кога ќе можеш, баш ми е убав разговорот со тебе. Секако, викам, зошто да не.
Коронава за жал не ми дозволи макар и на 2 минути да појдам и да се опуштам и наполнам батерии во таква пријатна атмосфера.
Но…..јас не би бил јас ако не направам нешто необично Денес најдов 5 минутки, запамтив каде живеат, ѕвонам на вратата. Отвара синот и вика, леле мамо знаеш ли кој дојде?
Ѕиркам, таа станува од креветот. Очите и се смееа и радуваа. Во тој момент и` давам новогодишна честитка
Радост. Нејзина но и моја. Моја затоа што и после толку месеци таа е тука. Нејзината, да ја опишам со нејзините зборови:
– Знаеш ли колку пати помислив на тебе, колку пати сакав да поминеш и само да те видиме со синот? А денес ми го направи денов прекрасен.
Си поприкажавме, како ми одат сите овие месеци деновите, како издржувам. Ми рече дека на прстите од едната рака се бројат деновите кога била надвор. Тоа го кажа со малку жал, разбирливо но сепак со многу повеќе гордост што издржува, почитува, внимава и дека носи маска. Дека прави се како што е потребно.
Се изнасмеавме, се поздравивме, си посакавме Среќна нова, ми „нареди“ да имам помалку работа. Морам да ја послушам
Среќна Ви нова мои нови пријатели.
Жива здрава Генерацијо, чувај се!
Фејсбук објава од Денис Јанкуловски