Фондот за иновации и технолошки развој – ФИТР упати честитки до претприемачите по повод новата 2021 година и божиќните празници во која порачува дека зад нас е годината во која беше најважно да го сочуваме здравјето, а потоа и да најдеме решение за да се надминат проблемите со кои се соочија речиси сите компании.
– Пандемијата нѐ научи да размислуваме похрабро, ни даде повод за забрзување на дигитализацијата и промените кои неизбежно ги носи ова време. Ова е чувството кое треба да го запомниме и да го задржиме темпото на развој кое на некој начин се наметна од реалната потреба. Потпишавме 71 договор со вкупен износ од 3.112.339 евра, од кои 1.605.311 се ФИТР кофинансирање, а 1.507.028 кофинансирање на корисниците. Но не застанавме тука, се вели во честитката.
Креиравме, посочува ФИТР, нова годишна и среднорочна програма која првпат вклучува стратешки фокус на стартапи, корпоративна иновативност и социјални претприемништво.
– Целосно ја сменивме менторската програма и првпат овозможуваме менторство за одбиени апликанти, но и потенцијални корисници. Развиваме нови финансиски инструменти и стратегија за Fund of Funds. Потпишавме меморандум за соработка со Стартап Македонија и креиравме Стартап Совет. Потпишавме меморандум за соработка со Асоцијацијата за е-трговија и развиваме заедничка платформа за онлјан продажба за микро компаниите во планските региони. Наскоро ќе го ребрендираме ФИТР со комплетно ново лого и една сосема нова приказна. Да успееме да бидеме секогаш чекор напред и да не чекаме повод за дигитализација или иновација. Да ги дадеме навремено одговорите на прашањата кои ќе бидат поставени и решенијата на проблемите кои допрва ќе следуваат. Затоа што ако нешто ни стана јасно измината година е токму тоа – помошта секогаш доаѓа од иновативните умови, се порачува во честитката.
Само со тимска работа, според Фондот, можеме да направиме вистински промени.
– И понатаму ќе ги следиме вашите идеи и потреби за да овозможиме најдобри услови за раст и развој на вашите бизнис приказни и зајакнување на економијата, се вели во честитката од ФИТР до претприемачите.