пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Дедо Никола се борел во Втората светска војна како партизан. По падот на фашизмот, тој продолжува да се бори на страната на комунистите во грчката граѓанска војна (1946-1949). Крвавата граѓанска војна го разделила од неговата љубов, баба Илина. И двајцата останале без дом и еден без друг. Од една земја во друга, дедо Никола го обиколил целиот свет (Јужна Америка, Советскиот Сојуз, други земји…) и по не знам колку години, повторно го свил своето семејно гнездо со баба Илина во Скопје, но подалеку ни поблиску, туку преку улица, спроти нашата куќа!
Дедо Никола и баба Илина ми беа како втори баба и дедо. Бевме како едно семејство. Дознав многу за Втората светска војна од вистински, живи и активни учесници во неа. Од баба ми Ана Ивиќ (родум од Далмација, Хрватска) дознав многу за италијанската фашистичка окупација на Далмација и за ужасите на Сремскиот фронт. Од дедо Никола слушав за хероизмот на македонските партизани и нивната голгота по избувнувањето на граѓанската војна во Грција. И за прогонот, страдањата, стравот и сето чезнеење да се пронајдат блиските, каде и да се во светот.
Кога некој говори во навредлив контекст за Егејците, значи – Македонците, ме навредува и мене, бидејќи тие се дел од мојот живот, од моето растење. Истото се однесува и кога некој ќе навреди Влав, Ром, Бошњак, Хрват, Турчин, Србин, Евреин или Албанец, без оглед на тоа дали некој од моите предци ѝ припаѓа на таа заедница или не.
Највисока одговорност очекувам од тие што работат во законодавниот дом, во Македонското собрание. Ако шират омраза и се однесуваат како пијани кочијаши во крчма, треба да ги удавиме во бурето на заборавот. Не да им плаќаме на искомплексирани фашистчиња и арамии.
Треба да ги отфрлиме отровите што ги истураат секојдневно. Особено сега, кога најмногу ни треба мудрост, сплотеност и смиреност.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.