пишува: МИЛОШ БАБИЌ, молекуларен биолог и невробиолог
Ова е текст во кој, колку што е можно во овој момент, собрав релевантни, проверени информации за вакцините за коронавирус. Текстот е поделен на два дела: првиот е список на факти што ги сметам за клучни за донесување одлука. Следува детална анализа на достапните податоци за вакцините кои наскоро ќе излезат на пазарот.
Мислам дека е важно пред да заклучите нешто за вакцините за коронавирус, да имате јасни и точни информации за нив, на едно место.
Фактори кои влијаат на одлуката за вакцинирање
Ова се факторите што влијаат на моето размислување на оваа тема. Секој е слободен да размислува за себе, се разбира. Ова е дадено како пример за расчленување на проблемот на помали делови.
- Вирусот SARS-CoV-2 сега е ендемичен, циркулира на ниво на кое нема да може да се искорени. Секој што нема отпорност, ќе го добие порано или подоцна.
- Терапиите што лекарите и научниците ги развија од март до денес, со крвава работа, значително ја намалија смртноста. Но, болниците сè уште се полни. Редици се пред вратите на клиниките и болниците цел ден и ноќ. Дури и со таа подобра терапија, луѓето умираат од сите страни. Не мора да прифатите ничиј збор, доволно е да ги изброите потврдите за смрт или да прошетате пред брзата помош и да ги видите линиите со свои очи.
Никогаш не било вака со ниеден грип. Ова не е „само настинка“ и не е наивна работа. Време е да ги оставиме тие приказни настрана, бидејќи тие се опасни по здравјето.
Научните студии покажуваат дека голем број луѓе, можеби и до 20% од оние кои имале значителни симптоми, ја преживуваат болеста, но со оштетување на белите дробови, срцето, бубрезите, васкуларниот систем и повремено мозокот. Ова не е прв пат да видиме вакво нешто: сегашната епидемија е многу слична по многу параметри со епидемијата на шпански грип што го погоди светот во 1918-1920 година. Луѓето со слични последици како што гледаме денес ги преплавувале невролошките, кардиолошки и белодробни клиники во ’50-тите години од минатиот век.
Ако досега сте биле здрави, вашиот избор е ваков: можете да земете вакцина и да ризикувате со несакани ефекти. Или, можете да почекате да го добиете вирусот и да ризикувате со несакани ефекти од инфекцијата. Нема опција без ризик.
За да има смисла да изберете вирус наместо вакцина, вакцините САРС-КоВ-2 треба да бидат илјадници пати полоши од најлошите досега направени вакцини во историјата.
Во случаи кога биле откриени проблеми со вакцини, овие проблеми се појавиле не подоцна од три месеци по вакцинирањето. Всушност, 99% од несаканите ефекти на вакцината се јавуваат или во рок од неколку дена или максимум првите две недели по вакцинирањето (што е периодот во кој телото реагира реално на вакцината). Затоа, ако вакцината е дадена на десетици илјади луѓе, и ако по три месеци нема знаци на големи проблеми, многу мали се шансите да се скрие нешто многу лошо.
Што точно знаеме за новите вакцини против корона вирусот?
RNK ВАКЦИНИ
Pfizer и Moderna ги објавија првите вакцини кои користат најсовремена RNK технологија. Овие вакцини содржат мали топчиња маснотии.
Ќе објаснам на наједноставен начин како тие работат:
Во центарот е капка солена вода во која плутаат молекулите на RNK. Кога таа капка ќе влезе во телото, нашите клетки ја „голтаат“. RNK-та ќе биде уништена по неколку часа или неколку денови, но во меѓувреме предизвикува нашата клетка да произведува неколку вирусни протеини. На нашиот имунолошки систем тоа му делува како таа клетка да е заразена со вирус, па буди аларм во нашиот организам и тој започнува да прави антитела. Ова е важно затоа што кога вистинскиот вирус ќе стигне до телото, имунолошкиот систем веќе има подготвен одговор и лесно се брани.
Дали RNK вакцината ја менува DNK-та?
НЕ! Ова не е „генетска терапија“ и апсолутно е физички невозможно таа RNK да биде „вградена во геномот“ или било што и да е од другите теории на заговор кои се неточни заплашување што кружи на Интернет. Повеќе одговори на овие неточни теории на заговор можете да прочитате на овој линк.
Ефективноста на двете вакцини е над 95%. За Pfizer, имаме многу детални безбедносни податоци (1,2 извори – поврзани на крајот од текстот). Од болест што не е Ковид-19, умреле четворица од контролната група и двајца вакцинирани. Вкупно имало 37 случаи на тешки болести со долги последици – од кои 19 во контролната група и 18 во вакцинираната група. Генерално, инциденцата на овие проблеми кај обете групи беше во просекот за нормална полулација. Откако започна дистрибуцијата на вакцината во Англија, две лица со екстремно тешка алергија добија осип и отежнато дишење по вакцинацијата. И двајцата закрепнаа веднаш, веднаш штом им беа дадени антихистаминици (лекови против алергија). Да нема забуна, тоа се луѓе кои секогаш треба да носат „адреналинско пенкало“, инјекција што можат самите себе да си ја дадат на лице место, доколку некоја алергија им отежне дишење, па затоа тоа не е изненадување.
За лица со екстремно тешки алергиски реакции, додадено е предупредување дека тие мораат да му ја кажат на својот лекар историјата на алергии и дека најверојатно не треба да примаат вакцина. Ова би било случај со скоро секоја вакцина.
Вкупниот збир на резултатите е дека се работи за многу висока безбедност, како што и се очекуваше. RNK вакцините имаат предност во тоа што голем број дози можат да се произведат за кратко време и тоа дека вакцините имаат многу чиста и јасна содржина.
АДЕНОВИРУСНИ ВАКЦИНИ
AstraZeneca и руската вакцина Гамалеја (Спутник) користат поинаков пристап. Двете вакцини користат аденовируси, вид на вирус што предизвикува генерално лесна болест кај луѓето. Нормалната содржина е исфрлена од овие аденовируси, така што тие не можат да се репродуцираат и кога ќе заразат човечка клетка, тие произведуваат само парчиња коронавирусни протеини во неа. Процесот е следен: со вакцината, аденовирусот влегува во организмот, предизвикува локална инфекција и го алармира имунитетот – кој потоа доаѓа и произведува антитела за да ги нападне тие делови на коронавирусот. Подоцна, во случај на вистинска инфекција со коронавирус, имунолошкиот систем веќе знае како да ја препознае инфекцијата.
Голем проблем со вакцините како оваа е што сите луѓе биле изложени на разни аденовируси уште од детството, така што сите имаме барем делумна отпорност. Затоа, нашиот имунолошки систем може да уништи дел од вирусот од вакцината пред тие да ја направат таа локална инфекција (што на тој начин спречува развој на имунитет на коронавирусот). Исто така, оваа вакцина се произведува многу побавно од RNK вакцината, што значи ќе има и многу помал број достапни дози.
За руската вакцина немаме добри податоци, дури и од првичните истражувања. Имаме детални резултати за вакцината АстраЗенека (линк 3). Вакцината спречува инфекција околу 60%, но се чини дека спречува развој на тешка форма на болеста кај скоро сите. Несаканите ефекти се слични на оние наведени погоре со вакцината Фајзер. Четири смртни случаи од причини што не биле поврзани со Ковид-19 вкупно во нивното истражување – три во контролната група, еден меѓу вакцинираните. Сите смртни случаи од Ковид-19 беа во плацебо групата, како и сите хоспитализации. Она за што многу се зборува е попречен миелитис, сериозно нарушување на автоимуниот нерв. Во оваа студија, имаше три случаи од таавболест, еден во контролната група и два во вакцинираната група. Но, еден од случаите од вакцинираната група веќе имал (непријавена) мултиплекс склероза пред вакцинацијата, што го елиминира. Остануваме со заклучок дека вакцината не прави разлика, затоа што имаме по еден случај меѓу вакцинираните и еден меѓу невакцинираните.
Генерално, резултатите покажуваат многу висока безбедност, но помала ефикасност. Во секој случај, тие спречуваат хоспитализации и тешки форми на болеста, дури и ако не ја спречуваат самата инфекција.
Неколку други компании исто така развиваат аденовирусни вакцини. Потенцијално голем играч ќе бидат Johnson&Johnson, чие истражување се приближува до фазата каде што се очекуваат првите значајни податоци. Податоците од првите фази изгледаат добро, приближно слични на горенаведените вакцини (линк 4). Неколку други компании од различни земји се во трка со своите верзии на вакцината за аденовирус (CanSino, Reithera, Merck…), но со малку податоци што можеме да ги видиме засега. Компанијата Vaxart разви вид на аденовирусна вакцина што се зема во форма на таблети и произведува интересен вид на имунитет во цревата што ветува дека ќе биде особено силен и долготраен; сепак, има малку шанси да влезе на пазарот пред крајот на 2021 година.
КЛАСИЧНА ВАКЦИНА
Кинеската компанија Sinovac во моментов е во третата фаза на истражување со класичната вакцина, која се базира на убиен вирус. Тие работат на следниов начин: Прво, во клеточна култура се произведува голема количина на вирус, потоа се убива вирусот, а убиените делови потоа се даваат како дел од вакцината, заедно со адјуванти кои го предупредуваат имунитетот. Ова е стара и докажана технологија, но исто така е и „валкана“. Проблемот е во тоа што антителата се произведуваат против разни делови на убиениот вирус, а резултатите се помалку предвидливи отколку со поновите технологии.
Сè уште нема доволно податоци за оваа вакцина. Ниту прелиминарните податоци сè уште не се објавени, иако во печатот се тврди дека вакцината има 86% ефикасност во заштитата од вирусна инфекција и дека немало поголеми несакани ефекти (линк 5).
Големиот недостаток на овие класични вакцини е што производството на вирусот е релативно бавен процес и тешко е да се направат големи количини. Со оглед на тоа што Кина има над милијарда и пол луѓе кои треба да се вакцинираат, се поставува прашањето колку и дали ќе може да се издвои за другите земји.
ДРУГИ ВАКЦИНИ
Неколку компании се обидуваат да произведат вакцини преку рекомбинантна технологија (што прави вакцини против дифтерија и пертусис). Во овој случај, вештачки се произведуваат самите протеини од коронавирусот, кои се даваат како „мета“ на имунолошкиот систем. Ова е „почиста“ вакцина од класичната и може полесно да се произведува во поголеми количини, но често има ниски ефекти (така што ниту предизвикува проблеми ниту помага).
Лидери во оваа област се Novavax, кој треба да излезе со резултати до крајот на јануари; и соработка помеѓу гигантските компании Sanofi и GlaxoSmithKline, кои штотуку објавија дека нивните први студии не успеале (6) и пошироките студии на нивниот кандидат се одложени за неколку месеци.
Над триесет помали компании низ целиот свет, исто така, пробуваат разни други пристапи; никој, колку што знам, не ги надминал првите резултати од тестот кај луѓето, така што нема да го направам овој текст уште подолг со објаснување на секој од нив одделно.
КОЈА ВАКЦИНА ДА СЕ ЗЕМЕ?
Засега, безбедноста не е проблем за секоја вакцина што е сериозен кандидат. Сè е неспоредливо подобро од добивање вирус. Ефикасноста варира – Pfizer и Moderna водат засега, но ќе видиме како изгледаат работите како што се собираат повеќе информации.
Многу поголемо прашање е: кој колку ќе може да произведе вакцини и каде ќе одат тие дози. Со кого државата ќе склучи договор? Кога ќе започнат испораките? Овие се сите непознати кои не се во доменот на овој текст; тие се предмет на политика, а не на наука.
А најголемиот проблем е стравот кој е насочен во погрешна насока – не треба да се плашите од вакцините, туку од ефектите на вирусот. Вакцината сè уште не пристигнала во земјата и се сомневаме и разговараме за нејзините можни несакани ефекти – додека во исто време секој може директно да ги види ефектите на самиот вирус
Тоа е како човек да вдишува чад во куќа што гори, а додека кашла и се гуши, тој разговара дали треба да оди надвор на ветер и дожд, бидејќи можеби косата ќе му се навлажни и ќе настине?! Целта на овој текст е да се запре оваа целосна конфузија на приоритетите.
Користени извори:
(1) https://www.fda.gov/media/144245/download
(2) https://www.nejm.org/doi/full/10.1056/NEJMoa2034577
(3) https://www.thelancet.com/…/PIIS0140-6736(20)32661-1/
(4) https://www.medrxiv.org/con…/10.1101/2020.09.23.20199604v1
(5) https://www.sciencemag.org/…/great-efficacy-claimed…
(6) https://www.sanofi.com/…/press…/2020/2020-12-11-07-00-00
обработка: Јане Ѓорѓиоски
извор: “Nauka u Srbiji”.