Парламентарната партија на Димитар Апасиев, после немирите во Вашингтон, во кои засега се потврдени 5 жртви, излезе со едно соопштение кое во најмала рака може да се каже дека е недолично за партија која е со двајца пратеници во Парламентот, што би требало да подразбира дека сериозно да ги застапува државните интереси.
Во соопштението поставено на нивната официјална веб страница, Сектор Надворешна политика и безбедност – Левица, со пежоративен назив ги ословува Соединетите американски држави, како поранешните британски Тринаесет Колонии.
„Згрозени од вчерашните немири, поттикнати од обвинувања за нефер избори, во поранешните британски Тринаесет Колонии, политичката партија Левица изразува загриженост за состојбата на демократијата во северноамериканскиот регион.“, стои во соопштението.
Користејќи ја својата недоветна реторика, партијата Левица, во истото соопштение, државната администрација на САД, која има 250 години демократска традиција, ја ословуваат како „пост-колонијални власти“ и без ни малку респект и емпатија спрема жртвите што паднаа на Капитол Хил, саркастично предлагаат испраќање на мировни сили за смирување на ситуацијата.
Со ова соопштение по кој знае кој пат се потврдува дека партијата која се потпишува како „Левица“ предводена од Димитар Апасиев, нема никаков допир со реалноста, со левичарските вредности и интересите на македонската држава, туку напротив, се однесува како некој его-трип локален клуб на исфрустрирани незадоволници, со што ги посрамотува сите кои на некој начин ја поддржале или гласале за претставниците од оваа партија.
Ј. Ѓорѓиоски