ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ДЕНЕС

Короната во Македонија попушта – треба ли да се опуштиме?

January 12, 2021 09:24
in ДЕНЕС, ПАНДЕМИЈА, ФРОНТ
Share on FacebookShare on Twitter

пишува: САШО ОРДАНОСКИ

Сега е веќе јасно, после неколку недели удолнина во статистиките, дека ситуацијата со ковид-19 во Македонија е со охрабрувачки, надолни трендови: сè помалку заразени и починати, сè повеќе оздравени. Лошите бројки на новозаразени и починати се речиси преполовени од статистиките од пред неколку недели, процентите на оние кои покажале позитивен тест во однос на вкупното дневно тестирање за вирусот исто така е во маркантен пад во последните недели, како и бројот на активни случаи. Тоа го следи и бројот на зафатени легла во болниците, со што притисокот врз здравствениот систем значително е попуштен. Со под 40-тина болни кои моментно се лекуваат во болниците на 100.000 жители, Македонија спаѓа во подобрата половина од европските споредбени табели на ковид-зафатеност на болничките капацитети…

Се разбира, компаративните здравствени статистики се „растеглива“ работа и можат да се толкуваат на повеќе од еден начин. Но, домашните експерти главно се согласуваат дека епидемијата во Македонија покажува јасни знаци на попуштање. На што се должи тоа?

Прво што паѓа на ум е можноста имунолошкиот „ефект на стадо“, по цела година дивеење на пандемијата, да дава опиплив ефект. Официјално, во државава до сега, потврдено од тестирањата, се имаат заразено околу 86.000 лица. Но, таа цифра, според стручњаците, би можела да биде и пет до десет пати поголема, доколку се дополни со „сивата“ бројка на оние кои ја прележале заразата, а кои или немале симптоми или не направиле тестови заради малите симптоми предизвикани од вирусот. На тој начин се доаѓа до претпоставена бројка од 500-700 илјади граѓани кои го прележале вирусот и се стекнале со имунитет на него. Доколку на тоа се додаде и бројката од пар стотици илјади деца и млади во населението, кои се природно високо имуни на заразата, претпоставката дека половината од населението во Македонија – иако до пописот и не знаеме колкаво е вкупното население кое моментно живее во државава! – веќе е имуно на дофатот на вирусот, не се чини нереална. Тоа, се разбира, драстично ја намалува „природната“ можност за ширењето на вирусот – иако некои од експертите предупредуваат дека „имунолошките“ статистики се различни од град до град во државава.

Второ, јасно е дека зголемената дисциплина на населението, предизвикана и од подоследното спроведување на мерките пропишани од Владата, даваат резултат. Додуша, треба да се причека и крајот на идната недела за да се види дали новогодишните и божиќните празници евентуално нема да ја преобратат подобрената статистичка тенденција, но – за сега – оптимизмот не е без основа.

Трето, во Македонија, барем официјално, сè уште не е забележан случај на мутираната „британска“ варијанта на вирусот, за која е констатирано дека многу побрзо се шири, особено кај населението над 60-годишна возраст. Во регионот веќе се појавија неколку десетици такви случаи и веројатно е само прашање на време кога и кај нас ќе се констатира присутноста на таа вирусна варијанта. Но, што подоцна се случи тоа, толку подобро, бидејќи општиот имунитет се зголемува со секој поминат ден.

Конечно, иако ќе задоцниме цели пет-шест недели со почетокот на вакцинацијата и кај нас, вакцинацијата дополнително ќе го стесни „обрачот“ околу ширењето на вирусот. (Патем, не можам да пронајдам експерт кој го знае одговорот на прашањето дали и оние кои се стекнале со имунитет на вирусот треба да се вакцинираат?!)

Па, сепак, речиси сите експерти се согласуваат дека место за опуштање нема! Луѓето треба да се однесуваат како да се носители на вирусот, иако немаат никакви или симптоми на благи настинки и сезонски грип. Само тоа е спасот до завршување на пролетта – доколку не сакаме, групно, непријатно да се изненадиме од подмолноста на вирусот кој „никогаш не спие“ и може повторно да „експлодира“ додека кажеш кекс!

Сè на сè, далеку сме уште од крајот на оваа кошмарна епидемиска приказна… Купете си уште некое пакетче маски и дезинфекциски средства, пред да дојде време да ги затвориме омилените кафеани со срчи до колена, со по некое медицинско лице на чело на софрата!


Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

Демначот на Радукану се обиде да купи билети за Вимблдон 2025 година

June 18, 2025

Филипче: Мицкоски призна дека ништо не направил, ама „допрва ќе работел“

June 18, 2025

Израел им забрани на граѓаните да ја напуштат земјата со авион

June 18, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Sources: Maxar Technologies, CNN analysis of satellite imagery

Graphic: Thomas Bordeaux and Rosa de Acosta, CNN

    (ВИДЕО) Што знаеме за тајната нуклеарна централа Фордоу на Иран

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Моралната одговорност не се мери на избори

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Кога премиерот те тужи, тоа не е лична пресметка, туку политички притисок!

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Ружин: Наместо загуба, Преспанскиот договор ни донесе меѓународна субјективност и зрелост

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ВИДЕО) Како аналитиката го убеди Клоп да го одбере Салах пред Брант за дресот на Ливерпул

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk