пишува: ВЛАДАНКА ДИМКОВСКА
Користењето на театар за подигнување на свеста кога станува збор за човекови права не само што ја едуцира публиката – туку исто така создава емпатија и поврзаност, и полека ја менува свеста на општеството во кое што живееме.
Активизмот за човекови права се потпира на можноста да раскажува и шири вистински приказни со различна тематика до различна публика што ќе инспирира акција кон правдата и ќе го подигне свеснот за истата.
Дистрибуирање на информации преку новинарство, без разлика дали се тоа традиционални или нови медиуми, е стандарден метод за подигање на свеста, и до сега мошне актуелен и користен, но сепак сметам дека треба максимално да се искористат сите уметности на сите начини за да се одсликаат недостатоците и да се изменат истите во нашиот круг.
Глобализацијата и движењето на луѓето значи дека активистите и уметниците од погодените заедници, можат да соработуваат за заемна корист и да најдат нова публика во процесот.
Посебно сега, во време кога забавата е неоходна треба да се размислува за тоа како театарот може да помогне во пандемијата, во целата криза и да ја подигне свесноста за човековите права но и за социјалната неправда која секојдневно се случува.
Прекрасно би било кога би се вратиле на штиците кои живот значат што поскоро и би проговореле на важни теми кои се загрозени и оспорувани кај нас.
Театарот треба гласно да зборува за говорот на омраза, треба да застане против поделбите и во својата срж да проба да ја разбуди емпатијата кај секој поединец.
Особено театарските претстави во живо нудат исклучителна форма на ангажман на публиката што уметниците заедно со организациите за човекови права може да ја сметаат за повеќе значајна и да ја искористат во создавање на нова форма социјален, и активистички театар.
Театарот е исто така високо прилагодлив медиум, способен да се обликува одново и одново според визијата за неговото социјално и културно место.
Во колку театри во светот во исто време е изиграна и создадена Ромео и Јулија?
Што ако двајцата ликови не беа машки и женски, туку машки и машки?
Што ако едниот бил кинез, а другиот русин?
Што ако едниот бил православен, а другиот муслиман?
Приказната останува иста, а сепак на значењето му се дава нов живот.
Старите текстови прилагодени и применети на теми за човекови права можат да ни помогнат да ја разбереме универзалноста и безвременската борба со која секојдневно се соочуваме.
Сите недостатоци некако се појасно и подлабоко се гледаат во време на пандемија.
Некако нашите рабови пукаат и општеството се повеќе е склоно кон создавање на предрасуди, трудејќи се да се заштитие самите нас – несвесно го кривиме другиот.
Ставаме етикети во море различности и не пробуваме да го смениме тоа. Затоа сметам дека театарот треба и мора да биде оној што ќе го скрши четвртиот зид и ќе помогне во менување и создавање на новата реалност.
Новата нормалност можеби ќе роди еден поинаков похуман театар во кој ќе се зборува за суштински важните прашања кои ќе можат да ги одсликаат и негативните и позитивните ликови во нашиот така поставен црно – бел свет.
После пандемијата, кога се ќе заврши и кога светлата ќе се запалат – сметам дека сите ќе сме подготвени за трансформација, едно поинакво доживување на секој здив – и тогаш кога ќе сме најотворени за промени ќе треба да ја создадеме новата рефлексија на театарот.
Театарот велат во една држава ја одсликува публиката како таква.
Да се потрудиме заедно – да нацртаме еден нов пејсаж полн промени.
За да се постигнат целите на уметноста и активизмот, уметниците и публиката мора да бидат третирани како луѓе кои носат промени. Без разлика дали продукцијата е комерцијална или добротворна, дали е дел од институција или е независна продукција, создавачите, актерите, режисерите се занимаваат со чинот на зборување на вистината како моќ, додека „гледачите“ ја одржуваат можноста да го почувствуваат она што го виделе надвор од театарот и да го сменат она за кое се спремни, да доживеат катарза.
Организациите за човекови права мора да ја препознаат желбата и на уметникот и на публиката и сè повеќе да бараат начини да го пополнат тоа барање, за промена. Бидејќи промената почнува со уметноста.