пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Никој не ми ѕвони, сам отворам очи. Ти му викаш оди самоизолирај се во редакција, тој ти вели ќе размислам. Се нервираш уште нерасонет. Пештанчето полага утре, и наместо да земи тоа книгата по Уставно, праќа мемиња со Берни до казан со ракија.
Мамурна недела, уште од понеделник.
Мемето од Берни Сандерс е феномен кој што не може секој да го разбере. Додека Сандерс и екипата се сетиле тоа да го уновчат за добротворни цели, други мислат Берни е злоупотребен. Студент на универзитетот во Њујорк дури и создаде веб-страница за луѓето да можат да ја поставуваат фотографијата на која и да е адреса, насекаде во светот. Сега страницата е архивирана, се преоптеретила. Вкупно беа создадени 9.849.938 мемиња од Берни само на таа веб-страница, фотомонтажите од интересни сцени што ги гледаме по мреживе не се бројат. Колку има место за мрчење околу ова, направете математика, мене никогаш не ме бивало со бројки.
А ние кутрите непреброени безмалку од минатиот век. Закон за попис се изгласа. Денеска и Пендаровски го потпиша указот, вмровците не сакаат да чујат – повикуваат на бојкот. Оној приврзокот Апасиев се разбира дека одма се приклучи на вмровскиот бојкот. А зошто бојкотираат попис, само тие си разбираат. Америчката амбасадорка Брнз јавно вели – Пред сè, многу сум среќна што Законот за попис помина во Парламентот, уште повеќе што помина со поддршка на два опозициони партнери, и владината коалиција. Вмровците не се среќни. Тие се несреќни секогаш кога се носат значајни одлуки за државата а тие не се на власт, без разлика дали тоа е Закон за обвинителство, или Закон за попис… тие секогаш си имаат свое деструктивно објаснување, кое само тие си го разбираат. За уши, еден по еден ќе ги вадиме ли бојкотирачиве? Секако дека не, тоа е МВРОвска привилегија. Ви велам, математиката е јебена работа, никогаш не сум ја разбирал. Разбирам дека со бојкот ќе закочиме купишта процеси за кои пописот е неопходен. Тоа го разбирам, го знаат и тие, ама ги боли „сотир“ за тие работи.
A Сотир Костов е водител на емисија! Да бе, баш гледав имаше интервју со Мицкоски, сериозни беа, мајке ми. Знам дека не ви се верува, не ми се веруваше ни мене. Си лафеа двајцата на онаа нимфомакс или како се вика тоа едно од дувлата за пласирање на лажни вести. Цел еден друг свет е тоа што не го перципираме освен за мајтап. А ич не е за мајтап тоа доцна ќе биде кога ќе ни текне. Пред некој ден пуштаат таму старо видео 4 и кусур години од Грујо и Боркица на летување од Сејшели. Грујо го има, не го барајте бадијала видеото, Боркица ја нема. Е, Геро енд медиумска пештанска дружина шеруваат корнат, пишуваат се надорзуваат братски сложно. Ајде овие јасно – си имаат агенда, но зошто и Либертас и други фиљан сајтови се упецаа на тоа само да ќарат некој клик, е да се чудиш?
Николовски пак, оној потпретседникот на вмровците, сам се себе упецал. Вели му недостасувале само уште тројца пратеници за да ја турнат Владата. То е исто како што мене само три нули ми фалат на контото во банка за да бидам милионер. Која епска будалетинка е, грев да те фати.
Сакам да ја искористам оваа прилика и да ја предупредам Брнз и америчката влада да си имаат на ум дека им се ближи крајот. Да, сериозно е ова – козарот Миленко рече дека со изборот на Бајден дојден е крајот на САД. „Се измешаа сатанисти, мазохисти, канибали што пијат крв од преплашени деца и тоа е распад крај на таа држава“, рече козарот, ама реков ај да не си валкам во понеделник па да ми тргни неделата со срања.
За демантите што ги попиваат Антоњо и Мицко, па Николовски, па цела партија во серија еден по друг, ви имам раскажувано? Баталете, бајата работа. Нивно е да си кажат на прес типична лажна вест за која знаат дека е таква, а за демантите ич не им чуе. Кој разбрал дека е лажна вест, разбрал, другите ене ги се притресуваат на Фејсбук, па ти кажувај им, ставај линкови со докази дека шират параноја преку лаги, ма кој те ферма. Вчера баш ми праќа Биле фотка од лажна вест, а фотката веќе еднаш беше искористена од истите портали пред точно една година и тогаш злоупотребена за лажна вест. Она што најмногу интригира, е дека после точно една година, на ист датум, истата фотографија повторно се пласира како лажна вест. Разликата е само во текстот кој е со изменета конотација. Чуда прават, сè живо тресат, ви велам.
На езероно Треска, кога ќе одиме на капење? Или прво кајак еден од дивине платформи на Матка да мавниме на гага, или пак, да ја отвориме прво спортскана сала во Стајковци, па таму кој прв до три од слободно, добива награда Спидо купаќа. Па на враќање капуш-капуш со купаќата бапка во еѕерото од СВОЗ, пардон, од самопридонес.
Текстот е личен став на авторот. Сите права се задржани.